Неочекуваната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да ги суспендира обемните давачки кои ги воведе на многу држави, денес ги поттикна светските берзи, и покрај тоа што ја заостри трговската војна со Кина.
Обратниот потег на Трамп, објавен во средата, помалку од 24 часа откако беа воведени големите нови давачки на мнозинството трговски партнери, следеше по најжестоката епизода на нестабилност на финансискиот пазар од почетоците на пандемијата Ковид-19.
Со овој пресврт беа избришани билиони долари од берзата и предизвика вознемирувачки раст на приносите на државните обврзници на САД. „Мислев дека луѓето почнаа малку да излегуваат од рамките, станаа малку нервозни, знаете“, изјави Трамп по објавата.
Американските берзански индекси пораснаа по овие вести, со референтниот индекс С&П 500 кој во средата заврши со пораст од 9,5 проценти, а олеснувањето продолжи во азиското тргување денеска со јапонскиот индекс Никеи за 8 проценти. Европскиот пазар, исто така, навести големи придобивки, но веќе постојат сигнали дека порастот би можел да биде кус, со оглед на падот на американските фјучерси. Цените на нафтата исто така паднаа за околу 1 процент, зголемувајќи ги стравувањата дека трговските тензии би можеле да ја турнат глобалната економија во рецесија.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп постојано објавуваше низа казнени мерки против трговските партнери, а потоа укина некои од нив во последен момент. Ваквиот непредвидлив пристап ги збуни светските лидери и ги загрижи деловните директори.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент тврдеше дека повлекувањето било планирано од самиот почеток со цел да се доведат земјите на преговарачка маса. Сепак, Трамп подоцна посочи дека големата нервоза на пазарите што се појави по неговите објави на 2 април влијаеле на неговото размислување.
Тој продолжува да врши притисок врз Кина, втората по големина економија во светот и вториот најголем увозник на САД. Трамп веднаш ја зголеми царината за кинескиот увоз на 125 проценти од нивото од 104 проценти што стапи на сила во средата. Кинеските компании кои продаваат производи на Амазон се подготвуваат да ги зголемат цените за САД или да го напуштат пазарот поради „невидениот удар“ на царини, изјави шефот на најголемата кинеска асоцијација за е-трговија.