Почетна ТехнологијаТрадиционална прослава пред Соборниот храм и Бадникови поворки: Утре православните христијани го слават Бадник

Традиционална прослава пред Соборниот храм и Бадникови поворки: Утре православните христијани го слават Бадник

од nenad
2 минути читај за

Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик. Одбележувањето на Бадник ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“. Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните. Под мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, Христовото раѓање утре напладне во Скопје и други градови низ земјава, ќе го најават децата со бадникови поворки, пеејќи ја „Вечниот Бог“. Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.

Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, ќе се движат низ улицата „Македонија“, и ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт, креативни работилници за децата на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда и да ја зачува за следната година, драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото раѓање. На плоштадот во Скопје уште претходно беше поставена пештера на Христовото раѓање.

Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото раѓање, порачаа од Здружението „Бадникови поворки“.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик  се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата. Исто така, вечерта се гори бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.