Потребно е време за да има системски решенија за справување со пожари, поплави, земјотреси во земјава, како и создавање на една функционална институција. Во наредниот период освен ад хок решенија кои ќе се преземат од страна на институциите во делот на превенцијата ќе создадеме систем којшто ќе биде функционален и којшто за една, две, три години од сега ќе може да одговори системски на сите предизвици, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој е и претседател на Управичкиот комитет за координација и управување со системот за кризи. Тој рече дека во изминатите месеци работни групи работат на законската легислатива, потоа утврдуваат точни чекори кои треба да се преземат, предвидуваат кои членови треба да се укинат и кои се Закони треба да се сменат.
Тој посочи дека е потребно јакнење на капацитети, повеќе средства, како и домаќинско и професионално работење. Според него потребно е да се утврди кој ќе има командна улога во текот на пожарите, а во Уставот се говори за вонредна, а не за кризна состојба.
Тошковски вели дека еден од проблемите кои ги детектирале експертите е токму во тој дел, потоа се преклопуваат надлежностите на повеќе институции, а има и нефункционални институции од аспект и на материјални и човечки ресурси. Препораките се и дека треба најмногу да се реагира во делот на превенцијата, којашто опфаќа чистење на канали, обуки на професионалците, потоа создавање на заштитни зони во шумите. Прашан за малиот број на пилоти во земјава, Тошковски најави дека ќе се отвори Центар за обука на пилоти, со што и овој проблем ќе се надмине, но не за кратко време, бидејќи е потребно време за да се обучат пилоти.