Не е лесно да ги препознаете, бидејќи вешто се кријат зад своите маски
Психопат е човек со патолошки оштетен карактер, кој има акутен дефицит на совест и морални вредности. Во спектарот емоции што ги доживува не се присутни љубовта и наклонетоста. Во врска стапува само за да ги добие ресурсите што му се потребни, како пари и други материјални добра. Неговиот внатрешен свет е празен и безбоен.
Дали е лесно да се воочи дека некој е психопат?
Нервниот систем на психопатите е таков што тие честопати мораат да прават возбудливи работи за да се чувствуваат нормално. Тие неретко живеат на работ, што ги прави дополнително привлечни во општеството, особено за спротивниот пол.
Психијатарот доктор Сохо Дас од Велика Британија, кој се занимава со оваа проблематика, опишал некои од знаците што би можеле да ни помогнат да препознаеме психопат.
Овој 44-годишен психијатар има свој канал A Psych for Sore Minds, каде што често зборува за случаите со кои се сретнал во вистинскиот живот, секако без да ги наведе имињата на луѓето со кои разговарал.
Кога станува збор за идентификување на психопатите, доктор Дас навел дека тој лично имал проценето стотици пациенти во затвори, на психијатриски одделенија и во судовите ширум Велика Британија.
Па, како да препознаеме психопат и како можеме да знаеме дали некој човек што сме го запознале е психопат?
Вистинските психопати покажуваат прекумерна лутина. Кога станува збор за семејно насилство, кај психопатите секогаш се гледа физичка или вербална агресија. Но доктор Дас признал дека многу е тешко да се препознаат психопатите. Тоа е така, бидејќи тие навистина добро ја играат улогата на камелеони и многу добро се вклопуваат. Покрај тоа, тие се шармантни, дружељубиви и забавни.
Поврзани објави
„Мислам дека не можете да препознаете дали некој е психопат, барем не по првите неколку средби со него“, објаснил психијатарот.
Доктор Дас открил дека психопатите се прилични манипулативни и секогаш ги искористуваат луѓето за нешто.
„Тие не ви се пријатели затоа што сакаат да си муабетат со вас и да се смеат на вашите шеги. Тие ви се пријатели, бидејќи сакаат да добијат нешто од вас. Се обидуваат да ве манипулираат“, истакнал тој.
Целта на манипулацијата не мора да сте вие, тоа може да бидат и луѓето околу вас.
„Психопатите ги искористуваат луѓето и продолжуваат понатаму. Тие немаат долгорочни пријатели со кои би се поврзале емоционално“, заклучил тој.
Американската психолошка организација го користи зборот „психопат“ за да опише човек со антисоцијално нарушување на личноста.
Психопатите сметаат дека се подобри од сите луѓе околу нив и никогаш не ги загрижува ниту една негативна постапка што ќе ја направат.
Опишувајќи некои од начините на кои нарушувањето може да се манифестира во однесувањето на луѓето, Американската психолошка организација наведува: кршење на законите, искористување на другите, лажење, импулсивност, агресија, безобѕирно занемарување на сопствената безбедност и безбедноста на другите, неодговорност што е проследена со отсуство на чувство на вина, каење и емпатија.
ФОТО: Liza Polyanskaya / Unsplash