Table of Contents
Запознајте ја новата надеж во светот на тенисот!
Тенисот е еден од најпопуларните спортови во светот, со богата историја и долга традиција. Од оние што се обиделе да станат професионални тенисери, само најупорните и најпосветените успеале да постигнат значајни резултати. Како и за секој друг спорт, добро е да се почне со тренинзи што е можно порано, а како што ни открива инструкторката по тенис Симона Ангелова, најважно е детето да го сака спортот. Во продолжение дознајте од која возраст децата кај нас почнуваат да тренираат тенис, но и колку се талентирани за овој извонреден спорт.
Колку време работиш како инструкторка по тенис?
Играм тенис од моите 7 години, се занимавав професионално до 18 години, но потоа, за жал, се откажав. Почнав паралелно да одам на турнири и да работам како тренер по тенис на 15-годишна возраст. Моментално работам со мали деца до 10 години и со возрасни почетници.
Колкав е интересот кај децата за овој спорт и од која возраст обично почнуваат да тренираат?
Голем е интересот за тенис, особено во летниот период кога има професионални турнири на терените во тенискиот клуб „Југ“ и многу нови дечиња почнуваат да играат тенис, а потоа го засакуваат спортот и продолжуваат да тренираат и понатаму. Јас, тренерот Боби и тренерката Нерис имаме 5 групи, од кои 4 групи играат „портокалов“ тенис (во тие групи има максимум 6-7 деца), а едната е „црвена“ група (почетна група со најмалите членови, каде што имаме 15 дечиња). Најрано што може едно дете да почне со тренинзи е 4 години, но најчесто почнуваат на 5-6 години. Најмладите членови кај нас имаат 4 години како Ерин, Каја и Јована.
Како изгледа еден ваш вообичаен тренинг?
Го почнуваме тренингот со загревање (трчање, вежби за моторика и координација), тоа трае 7-8 минути. Потоа, ги делиме децата во 3 групи. Секој тренер е задолжен за максимум 5 деца, за да можеме максимално да им се посветиме, па правиме 3 смени за да може секоја група да игра со секој тренер. На крај, им даваме забавна игра, бидејќи, сепак, работиме со мали дечиња од 4 до 7 години, кои треба да го засакаат спортот и да се забавуваат.
Колку се талентирани нашите деца за играње тенис?
Поврзани објави
Има многу талентирани деца кај нас, но талентот не е тоа што ги издвојува од другите. Најмногу се издвојуваат децата што го сакаат спортот, односно не се принудени да тренираат од дома, децата кои се дисциплинирани и сакаат да научат и да успеат.
Ерин е едно од децата што покажуваат неверојатен талент за тенис, иако има само 4 години. Каква кариера му предвидувате на Ерин?
Ерин се издвојува од другите деца од самиот почеток. Тој од старт можеше да се снајде околу фаќањето и контролирањето на топчето, додека на 4-годишните деца обично им е тешко и самото трчање и „ловење“ на топчето. Ерин одлично се снајде со сите „основни” фази. Сега тој може без проблем да игра во размена со нас, а техниката за форхенд и бекхенд му е перфектна. Најважно од сè е тоа што Ерин на секој тренинг доаѓа 20 минути порано и едвај чека да почнеме, а притоа му е максимално посветен на тренингот, што не е вообичаено кај дете од 4 години. За во иднина, сè уште е рано да се каже, но мислам дека Ерин ќе стане успешен тенисер ако продолжи да ги негува љубовта и желбата за спортот.
Што е потребно да направат децата како Ерин за да продолжат да напредуваат во овој спорт? Што би ги советувала нивните родители?
За да се напредува во тенисот, потребни се многу тренинзи и финансии, но до одредена граница, бидејќи не треба многу да се форсираат децата на оваа возраст. Исто, добро е да се оди на сите турнири во Македонија, да се стекнува искуство и знаење. Родителите би ги советувала да ги остават децата прво да се забавуваат и да го засакаат спортот, наместо да ги форсираат. Многу родители имаат неостварена желба да бидат успешни тенисери, па таа желба се обидуваат да ја остварат преку своите деца.
Ерин на тенискиот терен
Претходно
1 од 7
Следно
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: CHAD Multimedia