Почетна ЕкономијаСтрујата и гасот поевтини од европскиот просек, горивата поевтини од цените во повеќе земји

Струјата и гасот поевтини од европскиот просек, горивата поевтини од цените во повеќе земји

од nenad
2 минути читај за

Во услови на продолжена енергетска неизвесност и високи цени на светските пазари, домаќинствата во Македонија плаќаат пониска цена за електрична енергија и природен гас во споредба со просекот во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат за првата половина од 2026 година. Пониски цени се забележуваат и кај дел од горивата во споредба со повеќе земји од регионот и Европа.

Според официјалната статистика, цената на електричната енергија за домаќинствата во Македонија изнесувала 11,68 евроценти за киловат-час, наспроти 28,32 евроценти во ЕУ. Тоа значи дека македонската цена била повеќе од двојно пониска од европскиот просек. Кај природниот гас, цената во Македонија изнесувала 10,8 евра за 100 киловат-часови, додека просекот во ЕУ бил 11 евра.

Конкурентни цени се забележуваат и кај горивата. Литар бензин БМБ-95 во Македонија чини 1,48 евра, а дизелот 1,61 евро. Овие цени се пониски од оние во повеќе земји, меѓу кои Германија, Франција, Грција и Србија, иако постојат и држави со пониски цени од македонските.

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Сител истакна дека Владата прави сè што е во нејзина можност за граѓаните да плаќаат што е можно пониски цени на енергенсите. Тој нагласи дека досега успешно се менаџираат енергетските предизвици, без големите ценовни скокови што се забележуваат во делови од Европа.

MINOLTA DIGITAL CAMERA

Мицкоски посочи дека Владата подготвува модели за справување со можните сценарија во текот на зимата, со цел да се обезбеди сигурно снабдување и да се спречат нагли зголемувања на цените на електричната енергија и затоплувањето во Скопје. Во однос на горивата, тој најави продолжување на политиката на одржување ниски цени, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните.

Споредбените показатели за електричната енергија, гасот и горивата покажуваат дека Македонија кај повеќе енергенси има пониски цени од европските просеци или од цените во голем број европски држави. Во услови на глобални предизвици, Владата го поставува одржувањето на ценовната стабилност и обезбедувањето енергенси како приоритет за претстојниот период.