Почетна ЕкономијаСтопанската комора предлага промени во неработните денови, работниците сами да избираат дел од верските празници

Стопанската комора предлага промени во неработните денови, работниците сами да избираат дел од верските празници

од nenad
2 минути читај за

Промена на начинот на користење на дел од неработните денови предлага Стопанската комора, со образложение дека поголемата присутност на работниците на работните места може да придонесе за повисока продуктивност и поефикасно работење на компаниите.

До Министерството за економија и труд најавено е доставување на два предлога за измени на законската регулатива. Со првиот се предлага работниците сами да определат кои два верски празници ќе ги користат како неработни денови, додека во преостанатите денови би работеле.

Така, наместо однапред определените денови да важат за сите припадници на одредена верска заедница, секој работник би можел да избере кои празници сака да ги одбележи како неработни.

Вториот предлог се однесува на државните празници. Комората предлага, доколку празник се падне во недела, наредниот ден да не се прогласува дополнително за неработен.

Во моментов календарот на неработни денови предвидува празници што важат за сите граѓани, но и дополнителни денови наменети за припадниците на различни верски и етнички заедници. За сите граѓани се предвидени 11 неработни денови, додека дополнителни празници имаат православните христијани, католиците, муслиманите и припадниците на различни заедници.

Од Комората посочуваат дека направиле споредба со 36 европски економии, каде просечниот број неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Според нивната анализа, Македонија е во европскиот просек кога станува збор за државните празници, но бројот се зголемува кога ќе се земат предвид и верските празници.

Предлогот, сепак, отвора прашање и за правото на работниците на одмор и празнување. Од Сојузот на синдикатите укажуваат дека неработните денови имаат значење за одмор и поминување време со семејството.

Во јавноста, пак, мислењата се поделени, па прашањето дали треба да има помалку неработни празници повторно ја отвора дебатата за односот меѓу продуктивноста, интересите на работодавачите и правата на работниците.

Според годишната програма за неработни денови, во текот на годината се предвидени вкупно 27 денови кои се прогласени за неработни. Тоа, сепак, не значи дека сите работници имаат 27 слободни денови, бидејќи дел од празниците се однесуваат само на конкретни верски или етнички заедници.