Почетна ЕкономијаСтоматолошка комора: Неколку контроли извршени, без неправилности

Стоматолошка комора: Неколку контроли извршени, без неправилности

од nenad
3 минути читај за

“Имавме неколку инспекции и не беа евидентирани никакви прекршоци”, рече претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, на денешната прес-конференција.

Оваа прес-конференција се одржа откако министерот за здравство, Азир Алиу, во саботата соопшти дека Министерството за здравство ја презема одговорноста за лиценцирање на Стоматолошката комора.

“Прво, бидејќи јавните овластувања согласно Законот за здравствена заштита, член 262, се многу широк поим и за поголемиот дел од страна на комисијата формирана од министерот за здравство воопшто нема ни вршено надзор, ниту пак која било комисија или кој било министер се имаат произнесено на кој било начин, Комора не може да знае зошто и во кој обем е т.н. времено одземање до исправање на неправилностите, односно да ги цитираме неговите зборови „до стишување на работите во Комората”, изјави Денковски.

Беше истакнато дека во текот на минатата седмица имале интензивна комуникација со министерот за здравство, Алиу. “Заклучокот беше дека, доколку има неправилности, Комората секако ќе ги вложи сите напори да се исправат.”

Исто така, потенцираа дека во споменатиот период биле извршени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Управата за јавни приходи, различни државни инспекторати и агенции. “Согласно записниците од извршените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во ниту еден аспект од работењето на Комората, вклучително и во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон”, нагласуваат од Комората.

Денковски ги негираше тврдењата дека Комората добила насоки од министерот, но не постапила по нив. “Ве известуваме дека тоа не е вистина и не е точно дека Комората не постапила”, беше нагласено на прес-конференцијата. Беше подвлечено дека Комората веќе во април постапила согласно насоките на министерот за здравство по сите точки кои биле наведени на пресот, за што поседувале документи и писмени докази.

Беше најавено дека веднаш, претседателот Денковски ќе ги покани на разговор и консултација претходните претседатели. “За да го слушнеме и нивното мислење, зошто по она што знаеме засега, се работи за некои „незаконски” постапки на Комората уште од 2016 година, па дури и порано, односно од 2006 година.”

Исто така, ќе се организира средба со Лекарската комора, бидејќи ако кај нив, во стоматологијата, таканаречена “незаконска” едукација вршеле околу 15-тина, како што биле наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија – меѓу кои доминираат членки на Македонското лекарско друштво”, беше соопштено на прес-конференцијата.

Понатаму, беше речено дека се планираат вонредни седници на Извршниот одбор и Собранието на Комората. “По што, ќе ги известиме и членовите на Комората, медиумите и пошироката јавност за официјалниот став, бидејќи согласно актите на Комората, само Собранието има надлежност за тоа. Времето ќе покаже каде е вистината.”

“Сите ние во Комората сме спремни да ги сносиме сите последици доколку сме згрешиле, но исто така, доколку се потврди дека Комората нема финансиски или други криминали, сосема е реално да бараме и очекуваме јавно извинување до целокупната македонска јавност и целокупното членство на Комората, затоа што Комората постои и се состои од нејзините членови, докторите на стоматологија”, беше потенцирано на прес-конференцијата.