Натпреварот за ученици од средните училишта, СРЕДНОШКОЛЕЦ МИЛИОНЕР, посветен на стимулирање на претприемачкиот дух и иновативните бизнис концепти кај младите генерации, официјално започнува денес.
Наградата од 1 000 000 денари е предвидена за најдобриот деловен проект.
Организаторите, Brainster Next College – првиот практичен факултет за дизајн и ИТ во Северна Македонија и поширокиот регион, и NU High School Academy – академија за надарени средношколци, го претставуваат овој натпревар како најголем од тој вид во државата и во регионот. Право на учество имаат сите средношколци од прва до четврта година на територијата на државата.
„Нашата цел е да им дадеме простор на средношколците да размислуваат како претприемачи, да развиваат креативни идеи и да учат преку реални предизвици. Во време кога младите бараат шанса да го покажат својот талент и визија, овој натпревар е токму тоа – платформа што ги мотивира да бидат проактивни и да ја гледаат иднината со повеќе можности“, изјави денес Огнен Трипуноски, оперативен директор во групацијата Бреинстер.
Конкурсот се спроведува во неколку фази. „Првата рунда е од 1 до 26 октомври во чии рамки сите заинтересирани средношколци треба ја достават својата иницијална бизнис идеја на страната milioner. mk. Се охрабруваат средношколците да формираат тимови од три до шест учесници, за да има поголема вредност и да се пробијат подалеку низ рундите. На крајот од рундата се одбираат 50 победнички идеи кои продолжуваат во следната рунда. Во втората рунда најдобрите 50 идеи продолжуваат на јавно гласање во периодот од 3-ти до 16 ноември. Оние 20 кои ќе освојат најмногу гласови во процесот на гласање продолжуваат во следната рунда. Гласањето се отвора со старт на рундата и се затвора со крај на рундата.“
20-те победнички бизнис идеи во следниот период добиваат бесплатна подготовка со ментори пред последните две рунди. „Третата рунда е закажана за 29 ноември кога во просториите на академијата НУ и колеџот Некст, 20-те полуфиналисти ќе ја презентираат својата идеја во времетраење од 90 секунди пред група инвеститори кои ќе ги одберат најдобрите 10 што ќе продлжат во следната рунда. Потоа следува финалето или големото завршно натпреварување кое ќе се одржи на 30 ноември во просториите на академијата НУ и колеџот Некст каде финалистите ќе презентираат по пет минути пред група инвеститори кои ќе ја одберат победничката бизнис идеја што ќе ги освои предвидените 1 000 000 денари“, објасни Трипуноски.
Тој ги повика сите ученици од средните училишта да се пријават и да ја искористат оваа можност. „Со нетрпение очекуваме да видиме што ќе создадат нашите млади таленти“, додаде Трипуноски, според кого СРЕДНОШКОЛЕЦ МИЛИОНЕР е реална можност младите луѓе да ги развијат своите замисли, да учат од искусни ментори, да воспостават контакти и да се подготват за иднината како лидери и претприемачи.
мч/вг/фото: МИА.
Извор: МИА