Во рамки на првиот ден на официјалната посета на Кралството Шведска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши и пратениците Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески имаа средба со Кристијан Даниелсон, државен секретар во Министерството за надворешни работи, кој е и поранешен директор на директоратот за проширување и соседска политика на ЕУ.
Како што информираат од Собранието, Гаши нагласил дека интеграцијата во Европската унија останува најважен стратешки и надворешно политички приоритет, проследен со почитување на европските вредности и иплементирање на европските стандарди.
Тој истакнал и дека евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија е условен со промена на Уставот, чекор кој технички државата е спремна да го направи, но притоа да се има предвид дека почитувањето на достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и од заемен интерес за сите држави во регионот.
Пратениците и претседателот се заблагодариле за постојаната поддршка од Кралството Шведска и побарале конструктивната помош од нашите пријатели и подржувачи да продолжи и во иднина.
Државниот секреатар Даниелсон подвлекол дека Шведска останува поддржувач на евринтеграциите на Република Северна Македонија.
Нагласувајќи дека во институциите на ЕУ се водат дискусии за потребните институционални и финансиски подготовки за интегрирање нови членки изразил надеж дека уставните измени ќе се случат насокоро, со што ќе се овозможи отворање на поглавјата и членство на Република Северна Македонија што посокоро, со почитување на копенхашките критериуми.
Делегацијата на Собранието, предводена од претседателот Гаши остварила и работна средба со д-р Мајк Винерстиг, раководител на Секторот за безбедносна политика во Шведската агенција за одбранбени истражувања.
Оваа агенција е еден од водечките европски истражувачки институти во одбраната и безбедноста, која работи под Министерството за одбрана, но врши истражувања и за многу други владини органи, општини и компании, во областа на одбраната и безбедноста.
На средбата биле разменти мислења и ставови во однос на членството на Шведска во НАТО, поддршката на граѓаните за таквата одлука, а се дискутирало и за актуелните глобални безбедносни ризици и закани.
Во рамките на официјалната посета, Гаши и пратениците се сретнале со генералниот секретар на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош Кевин Касас-Замора.
Институтот е меѓувладина организација со мандат да ја поддржува одржливата демократија ширум светот.
Институтот работи во 35 дражави во светот и изработува анализи поврзани со избори, парламенти, уставни прашања, дигитализација, климатски промени, инклузија и политичко претставување, и сето тоа под чадорот на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации.
Генералниот секкретар информирал и дека Институтот им помага на земјите кои имаат аспирации за членство во Европската Унија и во таа насока беше дискутирано и за можностите за воспоставување на заедничка а институционална соработка.
сст/aa/фото Собрание на РСМ .
Извор: МИА