Почетна ЕкономијаСредба Муртезани – Хадад во Париз: зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за двете земји

Средба Муртезани – Хадад во Париз: зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за двете земји

од nenad
2 минути читај за

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес во Париз, ја започна официјалната посета на Француската Република со средба со министерот за Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Бенжамен Хадад.

Според известувањето од Министерството за европски прашања, дискусијата се одвивала во контекст на актуелната геополитичка ситуација во Европа, каде што партнерството меѓу нашата држава и Франција добива нов поттик за зајакнување на европската интеграција, политичката стабилност и отпорноста на регионот кон надворешни влијанија.

“Во фокусот на средбата беа перспективите за унапредување на билатералната и институционалната соработка, особено во доменот на политиката на проширување на Европската Унија со регионот на Западен Балкан, како и зајакнувањето на политичкиот дијалог и координацијата во клучните политички европски и безбедносни прашања.”

Муртезани ја потврди подготвеноста на Северна Македонија да понуди стабилно, демократско и реформски ориентирано партнерство, поддржано со конструктивен придонес за добрососедските односи и регионалната соработка. Во таа насока, Муртезани ја нагласи потребата од континуирана и принципиелна француска поддршка за процесот на европска интеграција, истакнувајќи дека целосната интеграција на Северна Македонија и регионот во Унијата останува најсилниот гарант за долгорочна стабилност, демократска консолидација и европски просперитет.

Во врска со ова, тој изјави: “Потребна ни е посветеноста на Франција за да постигнеме заеднички успех и решителен напредок кон консолидирањето на Европа во овие турбулентни геополитички времиња.”

Министрите се согласиле дека зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за двете земји. Беа истакнати и постоечките француски иницијативи, меѓу кои и ангажманот на технички експерти во македонските институции, како конкретен придонес кон унапредување на реформските процеси и усогласување со европските стандарди.

“Од страна на министерот Хадад беше повторена цврстата поддршка на Франција за европската перспектива на Северна Македонија”, се вели во соопштението.

На средбата беа разгледани и идните чекори за продлабочување на стратешката рамка за соработка меѓу Северна Македонија и Франција, особено преку промоција на нови можности за француски инвестиции во енергетиката, дигиталната трансформација и инфраструктурата, како и зајакнување на размената во областа на образованието и културата. Министерот Муртезани ја реафирмираше посветеноста на Владата за продолжување на реформите и за иницирање нови форми на институционално партнерство со Франција, препознавајќи го Париз како важен сојузник во реализацијата на стратешките цели на Северна Македонија за европска интеграција.

вг/дма/Фото: МЕП .

Извор: МИА