Со проектот Diamond of Skopje, меѓународната групација „Лимак“ влезе на македонскиот пазар со амбиција што оди подалеку од класичната станбена изградба. Мултифункционалниот комплекс се позиционира како урбан екосистем – место за живеење, работа, шопинг и забава – и притоа привлече интерес не само од домашни купувачи, туку и од глобалниот пазар на недвижности.
Во разговор со Куртхан Апајдин, генерален директор на „Лимак Скопје“, зборуваме за визијата зад Diamond of Skopje, за трансформацијата на пазарот на недвижности, за зголемениот интерес од странски инвеститори и за тоа зошто врвниот квалитет, одржливоста и концептот „сè на едно место“ стануваат новиот стандард на модерното урбано живеење.
Кога го започнавме проектот, нашата визија беше да создадеме уникатен комплекс кој ќе го смени урбаниот начин на живот и ќе биде конкурентен на глобалниот пазар. Diamond of Skopje е проект во кој се втемелени најсовремените практики во градежништвото, како во доменот на изградбата, така и во проектирањето. Врвниот квалитет, архитектонскиот дизајн и концептуалната уникатност веднаш предизвикаа интерес, не само во земјата туку и надвор од неа. Понудивме проект кој е по мера на потребите на современиот човек и ги подигнавме стандардите.“
Мултифункционалниот проект Dimond of Skopje стана препознатлив дел на градот, дали интересот за становите сѐ уште e голем?
Навистина сме горди што Diamond of Skopje е препознатлив дел од градот и омилено место за живеење, за шопинг и секако, место каде што луѓето можат да се дружат и да уживаат во одлична храна во уникатен амбиент. Визијата што ја имавме кога започна оваа гринфилд-инвестиција денес е реалност. Нашата замисла беше да создадеме проект кој на едно место ќе понуди различни содржини и ќе даде нова димензија на модерното живеење. Динамичниот начин на живот денес создава нови потреби.
Ние понудивме концепт кој даде одговори токму на овие потреби. Најголемиот дел од становите во Diamond Residences се веќе продадени и вселени. Конкретно, кулите А и Б се целосно продадени и вселени, кулата Ц е многу блиску да биде целосно продадена и вселена, а во завршна фаза е продажбата на становите во кулата Д.
Интересот за купување на стан е голем, а тоа се должи на повеќе фактори, какви што се високиот квалитет на градбата, атрактивната локација и мултифункционалниот концепт на Dimond of Skopje, кој нуди сѐ на едно место. Па така, станарите го имаат во непосредна близина Diamond Mall со сите свои содржини, различни можности за забава и рекреација преку Д-плус концептот, потоа 500-метарска патека за трчање, како и уреден надворешен простор за деца, во кој можат безбедно да си играат.
Приватноста е на највисоко ниво, а комплексот има 24-часовно обезбедување. Исто така, се посветува големо внимание на одржување на зеленилото, на одржливоста, на третманот на отпадот, како и на други аспекти на урбаното живеење кои се исклучително важни денес.
Но има и друга причина за купување стан во комплексот, а тоа е намерата да се инвестира во недвижност во нашиот комплекс, што заради неговата атрактивност е исклучително исплатливо, особено поради онлајн-платформите кои денес овозможуваат лесно да се издаваат станови за краток престој. Факт е дека во градот е зголемен бројот на туристи и на луѓе кои го посетуваат од деловни причини, а да се биде сместен во центарот на градот, од каде што можете пеш да стигнете до повеќето важни институции и знаменитости е голема привилегија.
Да сублимирам, Dimond of Skopje, е инвестиција на меѓународната групација „Лимак“, која своето искуство и знаење од глобалниот пазар го преточи во еден урбан комплекс кој создаде нови стандарди, не само во градежната индустрија во земјата, туку и во начинот на живот.
Во последните години, пазарот на недвижности во земјава претрпе големи промени. И покрај големиот раст на цените на квадратот, понудата и побарувачката се на високо ниво. Како го оценувате овој тренд и во кој правец ќе се развива во иднина?
Анализите на пазарот на недвижности покажуваат раст на цената на квадратот, но истовремено расте и цената на инвестицијата во недвижности. Инвеститорите имаат зголемени трошоци, така што растот на цената е делумно предизвикан од тој факт. Дополнително, побарувачката за недвижности континуирано расте. Имено, луѓето не размислуваат за недвижностите само за домување, туку сѐ повеќе ги гледаат како инвестиција. Цените се резултат и на ваквиот тренд.
Пазарот на недвижности во земјава останува стабилен – цените на станбениот простор на национално ниво пораснаа над 10% само во 2024 година, како резултат на силната урбана побарувачка, растечкиот број на хипотеки и ограничената нова понуда, особено во Скопје.
Исто така, во последните години сѐ повеќе пазарот на недвижности станува глобален. Затоа и понудата за недвижности се креира глобално, бидејќи луѓето сакаат да инвестираат надвор од својата земја. Интернационалната продажба на македонскиот пазар за прв пат организирано и под соодветен бренд започна со продажбата на станови во Diamond of Skopje, а тогаш можеби и со доза на скептицизам се гледаше на нашите најави дека има интерес од странство за купување на станови во нашиот комплекс.
Поврзани објави
Денес тоа е реалност, ние имаме сопственици од повеќе земји од Европската унија, од Турција, Швајцарија, Австралија, САД и од други земји. Очекувам растот на цената да продолжи. Луѓето веќе не бараат било каков стан, туку врвен квалитет во градбата, еколошки градежни материјали, безбедност и подготвени се да платат за тоа.
Не помалку важен фактор кој влијае на цената на недвижностите е и политичкиот. Со забрзување на процесот на приближување на земјата кон Европската унија, можен е нов раст, бидејќи таков беше случајот во периодот со влезот на земјата во НАТО, кога цената се зголеми.
Да резимирам, пазарот на недвижности во земјава ќе продолжи да биде динамичен, при што интензивната побарувачка за недвижности, подобриот пристап до хипотеки и континуираната доверба кај инвеститорите придонесуваат за здрав раст на цените, особено во Скопје.
Во следните пет години, изгледите се позитивни: се очекува дека понатамошната урбанизација, растот на инвестициите на дијаспората и поголемото присуство на современи станбени и повеќенаменски комплекси ќе продолжи да поддржува стабилни и сигурни перформанси на пазарот. Иако остануваат присутни одредени ризици, какви што се високите трошоци за финансирање и инфлацијата во градежништвото, тековната економска стабилност и сè поголемиот регионален интерес ја ставаат Северна Македонија во позиција да го продолжи својот растечки пат во секторот на недвижности.
Ние продолжуваме да ги следиме и анализираме трендовите и носиме одлуки кои ќе гарантираат најдобра понуда на пазарот.
Diamond Mall одбележа две години од работењето. Дали сте задоволни од постигнатото?
Многу сум задоволен и има повеќе причини за тоа. Една од нив е што за само две години, што е релативно краток временски период, Diamond Mall, со својата понуда за шопинг, забава и гастрономско уживање, стана омилено место на граѓаните на Скопје и на многу други посетители од земјава и регионот.
Препознатливи сме по Гурманската авенија, која нуди одличен амбиент, услуга и различни вкусови на врвно подготвена храна, како и по Зоната на соништата, која се простира на 3.500 м² и овозможува едукација и забава за деца од различни возрасти. Континуирано ја зголемуваме понудата на брендови за шопинг во сите сегменти, бројот на посетители се зголеми за повеќе од 60%, а токму Diamond Mall е место каде што се одвиваат многу културни и забавни настани за различни целни публики.
Последната новина што дополнително ќе ја зацврсти уникатноста на Diamond Mall и неговата позиција на лајф-центар, се подготовките за отворање на најголемиот фитнес центар во земјава, дел од меѓународен синџир, кој ќе биде опремен според најновите трендови во фитнес индустријата. Постојано работиме на проширување на понудата на шопинг брендови.
Последен таков бренд беше „Funky Buddha“, кој е присутен само во нашиот трговски центар и посетителите можат да очекуваат нови ексклузивни модни и други брендови, кои ќе бидат присутни само во Diamond Mall.
На крајот на годината, дали можете да ни кажете дали ги постигнавте вашите цели и на што ќе се фокусирате во 2026 година?
Со задоволство можам да констатирам дека годината што изминува ја завршуваме со одлични резултати. Навистина имавме динамична година исполнета со многу различни активности поврзани со Diamond of Skopje. Со посветеност и многу работа успеавме да ги завршиме нашите активности и навистина остануваат уште многу малку финеси, за да можеме да кажеме дека проектот е целосно завршен.
Овие финеси се однесуваат на некои административни работи, додека градежниот дел е целосно завршен. Драго ни е што успеавме големото семејство на Групацијата „Лимак“, која има свои активности во повеќе земји, да го збогатиме и со овој значаен проект. Очекувам идната година да се фокусираме на развој и искористување на дополнителните потенцијали на проектот, а можни се и нови инвестиции во други проекти.
Текст: Економист: Светот во 2026-та
Фото: приватна архива