Парламентот денес, на својата 58-ма седница, усвои четири закони за дигитална трансформација, кои се дел од реформската агенда.
Беа изгласани следниве законски акти: Законот за електронски комуникации, Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и Законот за архивски материјал и архивска дејност.
Со донесувањето на овие закони, во склад со Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, нашата земја добива пристап до над 19 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра се определени како директна финансиска поддршка за буџетот.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изрази благодарност за поддршката од Парламентот за организираните четири јавни дебати за законите, нагласувајќи дека со нив ќе се забрза процесот на дигитална трансформација и ќе се усогласиме со европското законодавство. “Пионери сме во реализацијата на реформската агенда, покажуваме максимални резултати во тоа што си го зададовме како задача и сме пример во поширокиот регион како може да се применуваат европските директиви во нашиот закон.”
“Сега одиме во вториот чекор во нивна целосна реализација,” рече Андоновски.
Со Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, за прв пат во државата се воспоставува законска рамка за регулирање на сајбер безбедноста и претставува важна стратешка определба, која според ресорниот министер носи јасна порака за одговорност, зрелост и визија во областа на дигиталната безбедност. “Формираме два тима за брз одговор на компјутерски инциденти, два ЦИРТА, едниот јавен, а едниот за Владата.”
“Поттикнуваме соработка, а не изолација затоа што покажуваме мрежна поврзаност преку националниот координатор за сајбер безбедност,” изјави Андоновски на последната јавна расправа.
Со Законот за електронските комуникации се прави важен чекор напред кон дигиталната иднина, усогласувајќи ја домашната регулатива со Европскиот законик за електронски комуникации и Директивата 2018/1972 и најновата регулатива за гигабитна инфраструктура. Овој закон, според Андоновски, носи подобрување на квалитетот на услугите, ги заштитува потрошувачите, ги унапредува универзалните услуги, ги рационализира и поедноставува инфраструктурните изградби и поставува јасна регулаторна улога на Агенцијата за електронски комуникации.
Со измените и дополнувањата на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги се продолжува дигиталната трансформација што ја нуди ЗЕК во насока на воведување на дигитален паричник. “Овој паричник значи електронски идентитет за граѓаните на сигурна, унифицирана и прекугранична призната алатка која ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите безбеден пристап до јавни и приватни електронски услуги,” појасни министерот за дигитална трансформација.
Со Законот за измени и дополнувања на архивски материјал и архивска дејност, пак, како што беше речено, се поставуваат цврсти темели за модерна и дигитално ориентирана архива која ќе овозможи ефикасност, транспарентно и законски усогласено управување со службената документација и архивскиот материјал во државата. Го регулира целиот процес на создавање, обработка, заштита, чување на архивскиот материјал.
Собранието денес го донесе и Законот за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, исто така со европско знаменце. Со него се уредува начинот на ставање во употреба, одржување и користење на техничка опрема за транспорт (лифтови, жичари, дигалки и транспортери), условите кои треба да ги исполнуваат монтажерите, сервисерите и независните правни лица кои вршат технички прегледи и периодични испитувања на техничката опрема за транспорт (лифтови, жичари, дигалки и транспортери), како и надлежноста на Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија и труд во однос на инспекцискиот надзор врз техничката опрема за транспорт.
Собранието продолжи со дебата по Предлог законот за вработените во јавниот сектор, во прво читање, кој заедно со Предлог на законот за административни службеници и Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, исто така се дел од реформската агенда.
лв/дма/Фото: Принт скрин .
Извор: МИА