Собранието, на својата пленарна седница која е закажана за среда, 18 февруари, се очекува да ги потврди оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, и на членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска.
Веднаш по овие одлуки, како што информираат од Собранието за МИА, ќе започне процедурата за избор на нов претседател на РКЕ и на нов член на ДКСК.
Процесот на нивниот избор ќе го предводи Комисијата за прашања на избори и именувања. На 85. седница, исто така закажана за 18 февруари, на дневен ред треба да се најде и изборот на нов уставен судија.
На претходната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, предложен за нов уставен судија е Гоце Наумовски. Ова следува откако уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска во декември поднесе оставка од здравствени причини.
Моментално, предложениот дневен ред за 85. седница во среда ги вклучува Предлогот за именување на член (непрофесионално ангажиран) на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, како и Предлогот на закон за органско земјоделско производство, во прво читање.
Пред започнување со работа по точките од дневниот ред, предвидено е одржување на пратенички прашања до премиерот и министрите од страна на опозицијата.