Нееднаквоста во распределбата на приходите во Европската Унија благо се намалила во 2025 година, покажуваат податоците на Евростат. Просечниот коефициент Џини изнесува 29,2, во споредба со 29,4 во претходната година.
Најмала разлика во приходите меѓу населението има во Словачка, со коефициент од 23,0, додека Бугарија е на спротивниот крај со 37,7. По Словачка следуваат Белгија со 23,4, Чешка со 24,0, Словенија со 24,6 и Полска со 24,9.
Поголема нееднаквост е регистрирана и во Латвија, со коефициент 35,6, и Литванија со 35,5. Меѓу земјите надвор од ЕУ опфатени со статистиката, Турција има највисока вредност од 43,9.
Србија бележи коефициент од 32, што е на ниво слично на Италија, Грција, Кипар и Швајцарија, каде што показателот се движи меѓу 31 и 32.
Коефициентот Џини ја мери нееднаквоста во распределбата на приходите. Неговите вредности се движат од 0 до 100, при што понискиот резултат означува порамномерна распределба, а повисокиот укажува на поголеми економски разлики меѓу населението.