Во вторник и среда, на 19 и 20 август, се одржува првото запишување за упис во прва година на основни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за академската 2025/2026 година. Според објавениот Конкурс на УКИМ, вкупно 9719 места се достапни на 23-те факултети во неговиот состав.
Од вкупниот број места, 4683 се наменети за редовни студенти во државната квота, 4081 места за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 955 за вонредни студенти.
Како и во претходните години, најмногу отворени позиции за упис има на студиските програми на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет (910), Филозофскиот факултет (880), Филолошкиот факултет (810), Медицинскиот факултет (760), Економскиот факултет (700), Правниот факултет (610) и Факултетот за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ (590).
Редовните студенти кои се финансираат од државниот буџет ќе плаќаат надоместок од 200 евра, додека оние со кофинансирање на студиите и вонредните студенти ќе плаќаат по 400 евра.
Во Конкурсот на УКИМ се прецизирани условите и критериумите за запишување, датумите, потребните документи и начинот на аплицирање.
Пред самиот процес на пријавување во предвидените рокови, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава преку iKnow-системот.
Првиот рок за поднесување на апликациите е на 19 и 20 август, вториот рок ќе биде на 11 и 12 септември, а третиот рок, во кој ќе се понудат преостанатите слободни места, е на 24 септември 2025 година.
Фото: МИА архива / принтскрин Конкурс УКИМ.
Извор: МИА