Почетна МакедонијаСиндикатот ги тужи Трамп и Рубио: УСАИД е основана од Конгресот и само тој може да ја укине

Синдикатот ги тужи Трамп и Рубио: УСАИД е основана од Конгресот и само тој може да ја укине

од nenad
2 минути читај за

Две синдикални организации кои ги претставуваат вработените во Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) денеска поднесоа тужба против американскиот претседател Доналд Трамп, како и против американскиот државен секретар Марко Рубио и министерот за финансии Скот Бесент, затоа што, како што тврдат, неуставно се обидуваат да ја укинат оваа агенција основана од Конгресот, која постои повеќе од 60 години, пренесе „Ројтерс“.

Како што денеска јавија американските медиуми, се очекува помалку од 300 од вкупно околу 10.000 вработени во УСАИД да ги задржат своите работни места, додека илјадниците други или ќе бидат на отсуство до понатамошно известување или едноставно ќе бидат отпуштени. Драстичното кратење им било соопштено на вработените преку имејл, а тоа се очекува да стапи во сила вечерва.

   

Тужбата, исто така, е насочена кон одлуката на администрацијата на Трамп да ја замрзне речиси целата помош за странство-потег што речиси ги запре клучните хуманитарни операции ширум светот и доведе до замрзнување на статусот или отпуштање на илјадници луѓе ангажирани на тие работни места.

Тужбата беше поднесена до федералниот суд во Вашингтон од организациите Democracy Forward и Public Citizen Litigating Group во име на Американската федерација на владини службеници (AFGE) и Американската асоцијација на вработени во надворешни служби (AFSA).

Во тужбата се тврди дека Трамп го прекршил американскиот Устав и федералниот закон со обидот да расформира агенција формирана од американскиот Конгрес.

– Ниту една акција преземена од обвинетиот за распуштање на УСАИД немаше одобрение од Конгресот, се наведува во тужбата и се додава: „Според федералните регулативи, Конгресот е единствениот ентитет што може законски да ја распушти агенцијата“.

Од судот се бара да се назначи независен вршител на должноста директор да раководи со УСАИД, да се отворат зградите на УСАИД за вработените, да се врати интернет страницата на УСАИД, да се вратат проектите за грантови и договорите и да се укине задолжителната евакуација на персоналот надвор од САД.