Почетна ЕкономијаСенатот одобри нови буџетски кратења по барање на Трамп: Девет милијарди долари помалку за помош на странство и јавно радиодифузно финансирање

Сенатот одобри нови буџетски кратења по барање на Трамп: Девет милијарди долари помалку за помош на странство и јавно радиодифузно финансирање

од nenad
3 минути читај за

Горниот дом на американскиот Конгрес денеска го ратификуваше предлогот на претседателот Доналд Трамп за редукција на девет милијарди долари од буџетските фондови, првенствено наменети за странска помош и јавно радиодифузно финансирање.

Според Си-Ен-Ен, пакетот сега се враќа во Долниот дом, каде што мора да биде одобрен до петок, во согласност со буџетските правила што ги употребуваат републиканците за да го реализираат без поддршка од демократите.

Ако Претставничкиот дом го ратификува текстот, законот ќе стигне до Трамп за потпис, кој се очекува да ја верификува оваа партиска иницијатива за повлекување на претходно одобрени федерални средства.

Иако најголемиот дел од републиканските сенатори го поддржаа пакетот, двајца – Сузан Колинс, претседателка на Комитетот за распределба на средства, и Лиза Марковски – гласаа против. Тие искажаа загриженост дека Белата куќа со овој потег го поткопува уставното право на Конгресот врз буџетската контрола. Предлог-законот беше усвоен со 51 глас „за“ и 48 „против“.

Од вкупниот износ, приближно осум милијарди долари се намалени од програми за странска помош, како дел од напорите на администрацијата да ја редуцира улогата на Американската агенција за меѓународен развој (USAID). Дополнителни 1,1 милијарда долари се скратуваат од финансирањето на Јавната радиодифузна корпорација, која ги поддржува NPR и PBS.

Сенатот го одобри пакетот по повеќе од 12-часовна седница, што започна во средата попладне, а заврши во четвртокот наутро (по локално време). Демократите предложија повеќе амандмани за да ги отстранат спорните одредби, но ниту еден не беше прифатен. Белата куќа вложи недели за да ги убеди републиканците да ја поддржат мерката. За да обезбеди поддршка, администрацијата направи една клучна отстапка – го исклучи од кратењето финансирањето на PEPFAR, американска програма од времето на Џорџ Буш за борба против ХИВ/СИДА во светот.

Во меѓувреме, републиканците во Претставничкиот дом се под притисок да го усвојат изменетиот предлог-закон до крајниот рок. Иако веќе еднаш го изгласаа текстот во јуни, повторно мора да се гласа бидејќи Сенатот направи измени преку т. н. „заменски амандман“, со кој беше прилагодена верзијата на текстот од Претставничкиот дом. Ако повторно биде усвоен, ова ќе биде вторпат во еден месец Претставничкиот дом да мора да прифати измени направени во Сенатот, откако на почетокот на јули тесно беше усвоен друг закон поврзан со внатрешната политика на Трамп.

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, повика Сенатот да го испрати законот „без измени“, поради тесното мнозинство на републиканците. Но додаде дека „ќе го разгледаат сè што ќе добијат, кога и да го добијат“.

Сенаторот Мајк Раундс, кој претходно беше неодлучен, соопшти дека ќе го поддржи пакетот по договор со Белата куќа за продолжување на финансирањето на руралните радио-станици во Јужна Дакота, кои имаат улога во преносувањето на итни известувања. Раундс напиша на мрежата Икс дека неговата цел била „да се осигура дека руралните радиодифузни сервиси ќе продолжат со работа и да обезбеди пренамена на средства за нив без прекин“.

Републиканците претходно во вторникот објавија и дополнителна промена: го отстранија кратењето од 400 милиони долари што ќе влијаеше врз PEPFAR, програма што ја поддржуваат бројни сенатори.

Потпретседателот Џеј Ди Ванс гласаше двапати за да го разбие нерешениот резултат и го овозможи усвојувањето на предлогот во процедурална фаза.

Но, тоа не беше доволно за сенаторките Колинс и Марковски, кои останаа против, критикувајќи ја администрацијата за недостиг на детали за конкретните кратења и предупредувајќи дека овој пристап го нарушува уставниот баланс на буџетска контрола. Во говор пред Сенатот, Марковски изјави: „Ние сме законодавци. Треба да креираме закони. Наместо тоа, добиваме насока од Белата куќа со барање да го спроведеме нивниот приоритет. Не го прифаќам тоа“.

ссм/фото: ЕПА .

Извор: МИА