Господине премиер, на власт сте веќе неколку месеци. Како го оценувате почетокот на вашиот мандат?
Првите месеци беа предизвикувачки, но истовремено и инспиративни, непоколебливо работам да не ја разочарам волјата на граѓаните затоа што знам дека очекувањата се големи и тоа за мене преставува дополнителна обврска. Наследивме состојба на институционален хаос, економска стагнација и ниска доверба во системот.
Едноставно, наследивме влада со многу проблеми. Блокирани сметки на претпријатија, неисплатени плати, здравство кое е во распаѓање, проблеми во образованието. Сепак, презедовме конкретни чекори за стабилизација, а резултатите веќе се видливи иако поради степенот на девастација процесот оди чекор по чекор. Немаше време за очајување, а паралелно започнавме со процес на закрепнување и санирање на штетите кои ги наследивме, но и да продуцираме нови политики.
Економијата почнува да излегува од хибернација и првите показатели се охрабрувачки, институциите почнуваат да функционираат и полека да се враќаат во рацете на граѓаните и промените да се случуваат. Инфлацијата се заузда и се држи на ниско ниво и од таа гледна точка периодите на двоцифрена инфлација се зад нас.
Тогаш таа преставуваше доминантен проблем за куповната моќ на граѓаните и на бизнисот. Од друга страна она што е предизвикувачки е да го одржиме позитивниот тренд на раст просечните плати но и да ја извадиме државата од лошата серија на минусни салда на индустриското производство. Следува подобар период и период во кој ќе се почувствуваат ефектите од нашата работа сега.
Кои се главните проекти што ги започнавте како премиер?
За 5 месеци обезбедивме над 1 милијарда евра, што како странски инвестиции, што како пари за капитални проекти, што како пари за бизнисот. Над 650 милиони евра имаме во странски инвестиции од најмалку 5 странски компании, додека 500 милиони евра обезбедивме од Унгарија, од кои 250 милиони евра се за капитални инвестиции, и веќе првата транша од 100 милиони евра веќе се користи, а 250 милиони евра се наменети за евтини кредити за компаниите. Но еден од најважните проекти е енергетската трансформација на Македонија. Инвестирањето во обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност се наши приоритети.
Тука работиме многу во полето на енергетиката. Ние мандатот го започнавме со една таква инвестиција, инвестицијата на компанијата „Алказар“, каде што очекувам отприлика производство од обновлива енергија од еден терават-час, еден терават-час е отприлика колку што е 25 проценти од вкупното производство коешто го имаме како држава. И со овој еден терават-саат, ќе дојдеме до чекор до независност, а во периодот којшто следи со носење на новиот
Закон за енергетика каде што ќе бидат предвидени и батериски системи и слично, мислам дека во следната 2025, почетокот на 2026 година можеме да зборуваме за портфолио на државата, увоз-извоз, нула. Што значи ќе ја направиме Македонија енергетски независна од делот увоз на електрична енергија. Истовремено во преговори сме со моќна компанија која е заинтересирана да инвестира во гасни централи на територијата на државата и на тој начин освен што ова ќе има влијание во енергетскиот потенцијал на државата, истовремено ќе се влијае и на почист воздух за граѓаните.
Под какви услови ќе се даваат банкарските кредити за стопанството, кажавте дека станува збор за историски договор?
Досега ваква транша за стопанството под овие услови не е договорена и затоа реков дека станува збор за историски договор кој не беше лесно да се постигне но имаше и банки кои го препознаа моментот да помогнат, но и да пронајдат бенефит во она што го правиме за државата.
Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Меѓу другото ова е историска најниска каматна стапка. А за да добијат кредит компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба.
Очекувам наредната година значителен дел од растот да го сочинува токму овој проект на банкарски кредити и вбризгување на пари во економијата за стопанството.
Но дел од опозицијата и некои експерти ве критикуваат дека банките ќе заработат многу од овие кредити. Ваш коментар?
Ова тврдење е неиздржано, затоа што ако имаше екстра профит за банките немаше да има процес на преговарање и банките лесно ќе влегоа во овој процес. Напротив, ние се гледавме неколку пати со банките и се убедувавме во исправноста на овој чекор. И знам дека добар дел од опозицијата критикува колку да критикува, но погледнете ги стапките на камати на другите кредити споредено со овие стапки кои се предвидуваат и веднаш се дава демант на ова тврдење.
Не можам да ги сфатам таа малициозност и тесноградост на дел од опозицијата да се критикува по секоја цена, па дури и тогаш кога е добро за државата. Тоа не е начин на кој треба да се води политика. Мора да се смогне сили и да се пофали тоа што е добро за сите.
Неколку пати ги замрзнувавте цените на производите, дали се планира некоја нова акција на тоа поле?
Се работи и на тоа поле и во Министерството за економија, за прв пат во соработка со приватниот сектор и самите сопственици и менаџери се работи на подготвување на нов пакет на намалување на цените пред Новата година на околу 600 производи. На овој начин се работи на штитење на стандардот на граѓаните, но и самите компании да покажат општествена одговорност и грижа за самите граѓани. Таквиот пакет ќе го договориме на почетокот на идниот месец и ќе излеземе во јавност.
Сепак мора да се внимава и на општествената одговорност која мора големите компании да ја покажат кон своите клиенти, но и кон државата. Тие големи бизнис играчи заработуваат од оваа држава и дел од таа заработка мора да ја вратат кај граѓаните и затоа говорам за таа општествена одговорност која мора да се покаже во повеќе сфери, па и на ова поле.
Платите ги зголемивте во повеќе сектори, Ќе го издржи ли тоа буџетот?
Интересна е таа дебата. Кога не се зголемуваат дебатата е зошто не се зголемуваат платите, а кога ќе се одлучиме за тој чекор, дилемата е дали буџетот ќе издржи. И ќе кажам дека сериозно планираме и буџетот ќе ги издржи тие покачувања затоа што самиот буџет има развојна компонента. Ги покачивме пензиите, и донесовме одлука за покачување на платите на здравствените и просветните работници. Ноемвриската плата во здравството ќе биде покачена.
Од ноември 10% повисоки плати во здравството, а во зависност на условите ќе има до 50% покачување за здравствените работници до 2028 година. Паричната маса во Буџетот од која се исплаќаат платите во здравството од ноември ќе биде покачена за 10 отсто, а во март следната година за 5 отсто. Во 2026 и во година паричната маса за плати ќе се покачи за уште 5 до 7 проценти, а 2028 година зголемувањето ќе биде од 7 до 10 отсто.
А од октомври вработените во образованието земаат октомвриска плата со покачување од 5 проценти, тие до 2028 година платите ќе пораснат за минимум 46 проценти а може и повеќе во зависност од состојбата на буџет. Значи ова е за кус период големо покачување на платите на многу вработени во клучните ресори.
Европската унија останува важна тема. Дали сте задоволни од напредокот на Македонија кон ЕУ?
Европската интеграција е еден од главните столбови на нашата политика. Соработуваме интензивно со европските партнери и имплементираме реформи кои се услов за членство. Работиме за напредок, но морам да нагласам дека патот до ЕУ бара многу работа и национално единство.
Сигурен сум дека Македонија ќе стане дел од европското семејство, бидејќи тоа е нашата стратешка цел. И целосно го разбирам разочарувањето кое постои кај нашиот народ од бавното напредување на овој план и постојаните субјективни услови кои се попречуваат на тој план. И тоа го пренесуваме на претставниците на Европската Унија.
Јас сум регионот да напредува, но не и да се загуби на патот кон Европската Унија. Ние сменивме име, знаме, Устав, се потпиша договор за добрососедство и повторно разговаравме за нови услови. Сметам дека кога преземаме обврски како држава, треба и Европската Унија да преземе обврски и да испорача одговорности кон нас. Точно е дека ние ќе продолжиме да контрибуираме во тој процес, но сакаме фер игра и фер пристап.
Ќе има ли договор со Бугарија и одблокирање на процесот?
Тоа е двонасочна улица. Подготвеност од наша страна постои. Јас бев и во Берлин, и во Будимпешта се сретнав со францускиот претседател. Реално ова прашање не е во приоритетите на ЕУ визави војната во Украина, предизвиците на Европа на полето во енергетиката. Но јас ова прашање сепак го отворив и се разговараше за ова.
Јас сакам да има договор, но тој да биде фер, и да нема поразени или страни кои еднострано ќе подголтнат кнедли и ќе се чувствуваат обесправени. Во тој процес на договарање и Македонија има што да побара, и Бугарија има што да испорача, а не само да биде обратно, како до сега.
Што мислите за критиките од опозицијата?
Критиките се составен дел од демократијата, но очекувам тие да бидат конструктивни. За жал, дел од опозицијата сè уште го користи популизмот и политичката манипулација. Јас сум отворен за дијалог и соработка со сите што искрено сакаат да придонесат за доброто на државата. Но од другата страна треба да имате партнер кој ќе има разум и автентично опозициско делување, а не раштиман оркестар или исполнување на нечии барања и суети на играчи кои седат во заднината.
Неколку пати досега подавам рака за единство барем по клучните државни прашања, но до сега нема напредок, ниту единство. И тоа е хендикеп кој го чувствуваме како држава.
Како го оценувате глобалниот распоред на сили по победата на претседателот Трамп, вие со дел од неговите луѓе уште во самата претседателска трка имавте средба со нив, што може да се очекува?
Да имаме комуникација, а претходно остваривме и средби кои беа јавни со Хауард Лутник, Девин Нунес и Ричард Гренел Лутник е претседател на транзицискиот тим во којшто се пет члена, меѓу кои е и Дон Јуниор, односно синот на претседателот Трамп, таму е потпретседателот сега веќе Џеј-Ди Венс, таму е новиот претседател на САД г. Трамп. Лутник е новиот министер за трговија на САД. Се сретнав и со Рик Гренел којшто очекувам исто така да биде дел од тимот на претседателот Трамп. Таму беше и Девин Нунез кој е поранешен конгресмен.
Тука беше и човек со македонско потекло г. Крис Павловски сопственик на „Рамбл“. Разговаравме за проекти и идни планови. Мислам дека Светот ќе се развива во одреден правец и ќе добијат работите поинаков интензитет. Ние како држава мора мудро да постапуваме на тој план и да го пронајдеме нашиот стратешки интерес во целиот овој систем, и на најдобар можен начин да ги ползуваме придобивките од нашето стратешко партнерство со САД.
Кои се вашите главни приоритети за остатокот од мандатот?
Нашите приоритети се јасни: економски раст, ефикасно здравство, квалитетно образование и владеење на правото. Планираме големи инфраструктурни проекти, реформи во јавната администрација и мерки за поддршка на ранливите категории. Нашата цел е граѓаните да почувствуваат вистински напредок во секојдневниот живот.
На полето на инфраструктурата, конечно ќе се изгради ли автопатот Кичево-Охрид?
Тој автопат ќе биде завршен до средината на 2026та година и се работи интензивно со удвоени сили и зимно време само да се стигнат роковите. Интензивно се работи на автопатската делница Гостивар – кичевско Букојчани.
Од Скопје до Охрид ќе се патува за најмногу час и половина. Додека овој месец започнаа и конкретните активности за изградба на автопатот Прилеп-Битола, проект кој целиот Пелагонски регион го очекува. За три години ќе имаме нов модерен автопат кој ќе донесе економски развој на Пелагонискиот регион, и се гради експресниот пат од Градско до влезот на Прилеп. Воедно се прави сè за да се финишира експресниот пат од Куманово преку Ранковце до Крива Паланка ќе го завршиме до крај на годината, и покрај сите проблеми што ги наследивме од претходната Влада.
Каква порака имате за граѓаните?
Им порачувам дека оваа влада е тука за нив, за нивните потреби и очекувања. Заедно можеме да ја изградиме Македонија како просперитетна и стабилна држава. Благодарен сум на довербата што ми ја дадоа, и ќе направам сè за да ја оправдам.
Ви благодарам за интервјуто, господине премиер.
Ви благодарам и јас. Секогаш сум отворен за разговори што ќе го доближат мојот став до граѓаните.
Текст: Економист: Светот во 2025-та
Фото: Приватна архива