Советот за безбедност при Обединетите нации денес не ја прифати предложената резолуција за целосно укинување на санкциите кон Иран. Сепак, Техеран и најважните европски држави сѐ уште имаат на располагање осум дена да се обидат да постигнат договор за нивно одложување, објавија британските медиуми.
Петнаесетчлениот Совет за безбедност на ОН денеска требаше да гласа за нацрт-резолуцијата, откако Велика Британија, Франција и Германија на 28 август го активираа 30-дневниот механизам за повторно воведување на санкции на ОН, обвинувајќи го Техеран за прекршување на договорот од 2015 година со светските сили, чија цел беше да го спречи да создава нуклеарно оружје.
Русија, Кина, Пакистан и Алжир гласаа во прилог на нацрт-резолуцијата, додека девет членки беа против, а две беа воздржани.
Велика Британија, Франција и Германија, кои ја формираат групата Е3, го активираа 30-дневниот процес за повторно воведување на санкции на ОН кон Иран, поставувајќи услови што Техеран мора да ги исполни во септември за да ги убеди да го одложат механизмот за санкции.
Понудата на Е3 е да се одложи повторното воведување на санкциите до шест месеци за да се овозможат сериозни преговори, ако Иран повторно добие пристап до нуклеарните инспектори на Обединетите нации за да ги проценат своите залихи од збогатен ураниум, а Техеран треба да започне и разговори со САД.