Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд, денес во Дамаск соопшти дека неговата држава, заедно со Катар, ќе обезбедат парична асистенција за државните службеници во Сирија. Тој не изнесе прецизни информации за финансиската помош наменета за Сирија, која ќе биде обезбедена од Ријад и Доха.
Ал Сауд, исто така, најави дека ќе предложи Саудиска Арабија да биде еден од клучните поддржувачи на Сирија во процесот на рехабилитација и економско зајакнување. Тој во Дамаск е придружуван од економска делегација на високо ниво, која ќе разговара со сириската страна за зајакнување на соработката во различни домени.
“Следните денови се очекуваат неколку посети на саудиски бизнисмени на Сирија, на кои ќе се разговара за инвестиции во енергетиката, земјоделството, инфраструктурата и други сектори”, посочи ал Сауд.
Ова не е првпат Саудиска Арабија и Катар да пружат помош за Сирија. На 27 април, Ријад и Доха објавија дека ќе го подмират долгот на Сирија кон Светска банка, кој изнесува приближно 15 милиони долари.
Огромна површина од инфраструктурата на државата е разурната за време на 14-годишната граѓанска војна. Новите сириски власти работат на повторно воспоставување врски со меѓународните институции, со цел да се поттикне обновата на земјата, да се ревитализира економијата и да се осигура отстранување на санкциите.
Сириските власти изразуваат надеж дека богатите земји од Персискиот Залив ќе помогнат во реставрацијата на земјата. ми/фото: ЕПА. Извор: МИА