Министерот за европски прашања, Беким Сали, зеде учество на настанот „Young Talent for Future Growth“, кој беше организиран во рамките на програмите Young Energy Europe и Development Partnership Programme. На овој собир беа врачени уверенија за учесниците и признанија за најдобрите проекти.
Во својот говор, министерот Сали, како што информираше неговиот Кабинет, истакна дека инвестирањето во човечкиот потенцијал е од суштинско значење за економските промени и за напредокот на државата во процесот на пристапување кон Европската Унија.
“Европската интеграција не е само процес на хармонизација на политиките, туку процес на трансформација кој зависи од граѓаните – од нивното знаење, способности и подготвеност да ги водат промените,” нагласи Сали.
Тој подвлече дека вакви иницијативи како Young Energy Europe допринесуваат кон создавање конкурентна и одржлива економија, преку едукација на професионалци кои ќе бидат носители на зелената и дигиталната трансформација.
Министерот ја поздрави реализацијата на програмата за развојно партнерство со WUS, која нуди можности за едукација, обука и ангажирање на младите, оценувајќи дека вложувањето во знаење и стручност е темел за долгорочен економски просперитет.
Сали потенцираше дека Владата, преку својата реформска програма и процесот на европско интегрирање, останува ангажирана на обезбедување услови за развој на талентирани поединци и нивно задржување во земјата.
На свеченоста беа врачени уверенија за новата група учесници, како и награди за најперспективните проекти за 2026 година.
дма/са/Фото: Министерство за европски прашања
Извор: МИА