САД и Кина објавија дека постигнале спогодба со која ставаат крај на трговскиот судир меѓу двете држави, но договорот не ги решава сите отворени прашања во билатералната размена.
Спогодбата, потпишана пред два дена, се базира на рамковните договори постигнати во Женева во мај, изјавија официјални претставници од двете страни.
Американскиот секретар за трговија Хауард Лутник во интервју за Блумберг рече дека договорот вклучува обврска од Кина за испорака на ретки земјени метали, од суштинско значење за технологии како ветерници и воени авиони. “Кина ќе ни испорачува ретки метали, а ние ќе ги укинеме контрамерките”, рече Лутник.
Кинеското Министерство за трговија потврди дека ќе ги разгледа барањата за извоз на контролирани добра во согласност со законот, додека САД ќе ги повлечат рестриктивните мерки, без да се прецизира за кои станува збор. Според Блумберг, американските мерки вклучуваат ограничувања на извозот на материјали како етан, користен во производството на пластика, микрочипови и мотори за авиони.
Сепак, договорот не опфаќа сложени проблеми како илегалниот увоз на фентанил или целосниот пристап на американските извозници до кинескиот пазар. Преговорите во Лондон во јуни резултираа со заемно прифатлив договор за клучните прашања, кој очекува одобрување од американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг. Според извори на Фајненшл Тајмс, дел од договореното не е вклучено во официјалниот документ, иако двете страни изготвиле писмен текст за дискутираните точки.
Лутник додаде дека Белата куќа планира наскоро да склучи трговски договори со десет клучни партнери на САД. “Претседателот сака лично да ги склучува овие договори. Ќе имаме договор по договор”, изјави тој.
Стивен Миран, претседател на Советот на економски советници на САД, истакна дека администрацијата на Трамп ќе ја продолжи суспензијата на царините за земјите што преговараат „добронамерно“ со Вашингтон, според Јаху Фајненс.
ссм/фото: архива .
Извор: МИА