Според Виктор Водолацки, прв заменик-претседател на Комитетот на Државната дума за работи на Заедницата на независни држави, евроазиска интеграција и односи со сонародниците, во светските океани има далеку повеќе руски нуклеарни подморници од американски, а руските поседуваат и најмоќно вооружување. Ова беше неговата првична реакција на вчерашната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп за распоредување на две нуклеарни подморници.
Водолацки напомена дека пловилата кои американскиот претседател Доналд Трамп наредил да бидат пренасочени „во соодветните региони“ се веќе подолго време под надзор и дека на Русија не ѝ е неопходен посебен одговор на објавата на американскиот лидер за подморниците.
“Не може да има одговор од наша страна, бидејќи совршено добро разбираме кој е Доналд Трамп. Последните месеци покажаа дека тој се предомислува 24 часа на ден”, изјави Водолацки.
Трамп вчера соопшти дека наредил распоредување на две нуклеарни подморници како одговор на “многу провокативните” коментари од висок руски функционер. “Врз основа на многу провокативните изјави на поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев. . . , наредив две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во соодветните региони, за секој случај ако овие глупави и запалливи изјави се нешто повеќе од тоа”, објави Трамп на неговата платформа Truth Social. “Зборовите се многу важни и честопати можат да доведат до несакани последици, се надевам дека ова нема да биде еден од тие случаи”, додаде тој.
Трамп не прецизираше дали мисли на подморници на нуклеарен погон или подморници со нуклеарно оружје. Тој исто така не ги откри локациите, кои се чуваат во тајност од страна на американската војска.
Подоцна вчера, Трамп изрази загриженост за ставот на Медведев. “Тој е кретен”, рече Трамп во интервју за Њузмакс. Трамп, исто така, изјави дека специјалниот претставник Стив Виткоф патува кон Русија за да изврши притисок врз Москва да се согласи на прекин на огнот во војната во Украина и се закани со нови економски санкции доколку не се постигне напредок. Американскиот претседател го скрати својот 50-дневен ултиматум на 10 дена, кој истекува следната недела.
Најавата за дислокацијата на подморниците дојде откако Трамп во четвртокот на социјалните мрежи напиша дека Медведев е “неуспешен поранешен претседател на Русија” и го предупреди да “внимава што зборува”. Неколку часа подоцна, Медведев возврати, пишувајќи: “Русија е во право за сè и ќе продолжи по својот пат”.
Преписката започна претходно оваа недела, кога Медведев напиша: “Трамп си игра со ултиматуми со Русија: прво 50 дена, потоа 10”, додавајќи: “Тој треба да запомни две работи: 1. Русија не е Израел, па дури ни Иран. 2. Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна. Не меѓу Русија и Украина, туку со неговата сопствена земја”.
Запрашан додека ја напушташе Белата куќа вчера вечер за викенд во неговиот имот во Њу Џерси, каде што ги преместуваше подморниците, Трамп не даде никакви детали. “Моравме да го направиме ова. Само мора да бидеме внимателни”, рече тој. “Беше упатена закана и не сметавме дека е соодветно, па затоа морам да бидам многу внимателен”.
Трамп, исто така, рече дека “го прави ова за безбедноста на нашите луѓе”, додавајќи, во врска со изјавите на Медведев, “Тој зборуваше за нуклеарно оружје”. “Кога зборувате за нуклеарно оружје, мора да бидеме подготвени”, рече Трамп. “И ние сме целосно подготвени”. Претседателот изјави за Њузмакс дека подморниците биле преместени “поблиску до Русија”.
мс/фото: ЕПА.
Извор: МИА