Почетна ЕкономијаДКСК почнала со антикорупциска проверка на измените на Законот за јавните набавки предложени од ВМРО-ДПМНЕ

ДКСК почнала со антикорупциска проверка на измените на Законот за јавните набавки предложени од ВМРО-ДПМНЕ

од nenad
1 минути читај за

По реакцијата на невладините во врска со предложените измени на Законот за јавните набавки, по скратена постапка, денеска се огласија и од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Оттаму изразуваат сериозна загриженост поради предлог-измените на Законот и информираат дека веќе започнале постапка за нивна антикорупциска проверка. Изразувајќи ја својата загриженост, од Антикорупциска уште во првата реченица во соопштението, реагираат на тоа што измените се носат по скратена постапка, без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици.

„Со оглед на системската важност на Законот за јавните набавки и ризиците од корупција што произлегуваат од јавните набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата отпочна со спроведување на антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на Законот. Оваа проверка е дел од заложбите за навремено утврдување и ублажување на ризиците од корупција и судир на интереси во законодавството, што е од суштинско значење за заштита на јавниот интерес“, велат од Антикорупциска.

Истакнуваат дека ваквите антикорупциски проверки се ефикасни доколку се извршуваат навремено, во фаза на подготовка на законите, а не откако тие ќе бидат донесени. Во таа насока, од Државната комисија за спречување на корупцијата ги повикуваат сите надлежни институции да се вклучат во процесот на следење на овој случај за да се обезбеди почитување на законитоста, транспарентноста и правичноста во носењето одлуки.