Продолжувањето на Договорот за коридор за жито во Црното Море се уште е под знак прашалник, а официјално истекува на 17 јули. Сегашната состојба во украинските пристаништа не е оптимистичка, а „Дојче веле“ неодамна објави дека нов договор не е ни на повидок. Истовремено, извозот на руска пченица во јули се проценува на 3,7 до 4,1 милиони тони наспроти просечните 2,8 милиони тони. Ваквиот резултат го поттикнуваат поволните пазарни услови и рекордно високите залихи, па бројот на испораки би можел да биде и рекорден за овој месец, прогнозира руската консултантска компанија „Совекон“, а пренесува „Агроклуб“.
Според нивните податцои од 11 јули, износот на склучените договори за продажба на жито е зголемен на 4,5 милиони тони наспроти 2,2 милиони на 7 јули и 1,1 милион на почетокот на овој месец. Побарувачката за руска пченица останува висока поради нејзината зголемена конкурентност, се истакнува во извештајот. Цената на руското жито е пониска од онаа на парискиот матиф.
Залихите, според проценката на Ростат, на почетокот на јуни изнесувале 15,6 милиони тони наспроти 9,7 милиони лани. Експертите на компанијата коментираат дека рускиот извоз може да претставува дополнителен притисок за падот на цените на оваа житарка на глобално ниво.
– Во случај договорот навистина да не биде продолжен, цените на некои основни прехранбени производи би можеле да пораснат – велат аналитичарите за Ројтерс. Но, тие посочуваат дека ситуацијата е сè уште подобра отколку непосредно пред почетокот на конфликтот во Украина, подобрена е понудата на житарки и тие сега доаѓаат од други земји како Русија и Бразил наместо од Украина. Според извештајот на агенцијата, цената на пченицата годинава паднала за 17 отсто, а на пченката за околу 26 отсто.