Претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Оливер Ропке, изјави дека верува дека пораката на Европската комисија до кандидатите за членство е дека сме подготвени за прием и сакаме во наредните години нови држави членки да се приклучат кон ЕУ, се разбира, кога ќе ги исполнат условите.
“Тоа отсекогаш беше ветување на Европската Унија. Но, можевме да видиме во текот на изминатите години дека тоа ветување не беше исполнето и од двете страни.”
Ропке во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА заедно со уште 24 новински агенции од цела Европа, додаде: “Значи, го имаме овој моментум за проширувањето и мислам дека мора да го одржиме.”
Според Ропке, поради тоа Комитетот става значаен акцент и приоритет на проширувањето, со поттик за активно вклучување на претставници на граѓанското општество од земјите кандидатки во спроведувањето на реформите, што е предуслов за членство врз пристапот базиран на заслуги.
“Сите го прифаќаат овој пристап. Сега ни треба и силна политичка волја. Го гледам тоа и можам само да кажам дека ЕЕСК е апсолутен поддржувач на оваа идеја”, потенцираше Ропке.
За реализацијата на таа цел, според Ропке, ЕЕСК ја има Иницијативата на членки од кандидатите за проширување, и повеќе специфични тела, како заедничките консултативни комитети, преку кои се воспоставува структурирана соработка меѓу социјалните партнери, граѓанското општество и владите, како тела за следење на состојбите, но и за формулирање препораки за процесот на проширување.
“Мислам дека преку нашата работа постигнавме конкретни подобрувања”, додаде Ропке.
Интервјуто во кое Ропке, меѓу другото, говори и за соработката на Комитетот со цивилниот сектор од земјите кандидати за членство, за постигнувањата на ЕЕСК и за неговите ставови кон трговската и социјалната политика на ЕУ, МИА во целост ќе го објави утре.