Почетна ЕкономијаРокас: Задоволен од придонесот на ЕУ фондовите за успешните проекти во Општина Велес

Рокас: Задоволен од придонесот на ЕУ фондовите за успешните проекти во Општина Велес

од nenad
3 минути читај за

Во Oпштина Велес, со финансиска помош од фондовите на ЕУ, во претходните неколку години се реализираа значајни проекти, меѓу кои е и реновирањето на старото градско кино во Европски младински центар.

Исто така, со помош на ЕУ фондовите, беше реализиран и големиот проект за обнова на централното градско јадро, преку конструкција на првата пешачка зона, решавање на проблемот со атмосферските води и реорганизација на улиците и сообраќајниците.

Покрај тоа, приоритетен проект кој наскоро ќе започне да се реализира со средства од ЕУ фондовите е изградбата на Пречистителна станица на Вардар, а како втор проект ќе биде отстранување на нелегалните депонии не само во Oпштина Велес, туку и на национално ниво.

Евроамбасадорот Михалис Рокас, при денешната посета на Oпштина Велес, изрази задоволство што со поддршка од ЕУ се реализирани сите овие проекти. Тој на прес-конференцијата информираше дека се сретнал и разговарал со градоначалникот Марко Колев и членовите на општинскиот Совет, при што бил информиран за предизвиците и приоритетите коишто ги имаат.

“Сите се согласивме дека главните проблеми, како што се водоснабдувањето и третирањето на цврстиот комунален отпад, се прашања коишто треба да се адресираат и решат веднаш и во тој контекст и натаму ќе продолжи финансиската поддршка што ја дава ЕУ”, најави евроамбасадорот Рокас.

Тој нагласи дека за решавање на овие прашања е потребен политички пристап за да може да се решат предизвиците со кои се соочуваат граѓаните. “За да може на крајот на денот да бидат видливи резултатите, финансиски средства кои се на располагање од страна на ЕУ, фондовите од страна на централната и локалната власт треба да се хармонизираат. Сето тоа со цел на крајот да се видат резултатите од реализираните проекти, а кои им се потребни на граѓаните”, нагласи евроамбасадорот Рокас.

Тој им се заблагодари на граѓаните на Велес и градоначалникот Марко Колев кои учествуваа во хуманитарната трка за настраданите во Кочани што изминатата недела се одржа во Велес и уште шест градови меѓу кои и Скопје, а која ја поддржа Европската делегација во Скопје во соработка со Европските куќи на млади. Рокас денеска се сретна со претставниците на Младинскиот совет на општината, а попладне ќе ја посети Европската куќа на млади во центарот на градот и ќе се сретне со младите.

Градоначалникот Марко Колев изрази голема благодарност до делегацијата на ЕУ и до евроамбасадорот Михалис Рокас за поддршката што во изминатите неколку години и ја дава на Oпштина Велес. Колев информира дека Oпштина Велес во изминатите две години интензивно работеше за обезбедување на техничка документација. Воедно, пред еден месец е издадено одобрението за градба за пречистителна станица на Вардар, а која ќе се гради со средства од ЕУ фондовите.

“Се надевам во наредниот период успешно ќе заврши постапката за избор и во наредните неколку години ќе го изградиме овој голем капитален проект за Oпштина Велес”, најави Колев.

Колев информира дека со Рокас разговарале и за проблемот со регионалните диви депонии. “Секој ден е важен, а секој ден за жал имаме се’ повеќе диви депонии, а се надеваме дека со поддршка на ЕУ фондовите наскоро ќе се реши овој проблем на ниво на целата држава”, нагласи Колев.