Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им наложи на американските агенции за јавно здравје да дадат приоритет на испитувањата за несаканите последици од вакцините, употребата на лекови кои се издаваат на рецепт и причините за аутизмот, во новиот извештај „Направете ја Америка повторно здрава“ објавен синоќа, а фокусиран на децата, пренесе Бета.
Извештајот од 20 страници, креиран под водство на секретарот за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, тврди дека детските болести во САД ќе бидат искоренети со пренасочување на американските агенции за јавно здравје кон прашањата за кои членовите на широката и политички разновидна организација „MAHA“ на Кенеди сакаат владата да им даде предност.
Овој нов напор на Кенеди да ги испита негативните последици од вакцините би можел да го зголеми несогласувањето меѓу него и агенциите за јавно здравје кои се под негова надлежност, кои се соочуваат со големи кратења и се во судир со него поради неговите спорни политики. Во последните недели, имаше немири околу политиката за вакцини во Центарот за контрола и превенција на болести, што резултираше со оставка на директорот и други високи службеници. Минатата недела, сенаторите го испрашуваа Кенеди за неговата антивакцинална агенда и неговата соработка со агенциите за јавно здравје.
Се очекува Кенеди да презентира и извештај за кој вели дека ќе ги изнесе причините за аутизмот, комплексно развојно нарушување. Последниот извештај на Кенеди, објавен вчера, ја повикува владата да ги истражи негативните аспекти на вакцинацијата и да развие модел со цел да се обезбеди дека „Америка има најдобар распоред за вакцинација на децата“, кој „обрнува внимание на негативното влијание на вакцинацијата“.
Претходна верзија на извештајот беше откриена и објавена во август. Мали промени беа направени во конечниот нацрт, кој беше развиен од комисија на MAHA во која беа вклучени Кенеди и други членови на кабинетот на претседателот. И покрај ветувањето за „радикална транспарентност“, комисијата никогаш не одржа јавна седница пред објавувањето на извештајот, пренесе Бета.
Меѓу промените во финалната верзија е и апелот Националните институти за здравство да користат лични медицински досиеја и податоци за здравствено осигурување за да ги истражат причините за болести и нарушувања, вклучително и аутизмот. Кенеди со месеци наназад ветуваше дека до септември ќе ја открие причината за аутизмот, комплексно развојно нарушување кое влијае на мозокот. Тој вети дека ќе спроведе големо истражување за да ги идентификува причините за нарушувањето, но остана тивок за тоа кој го спроведува истражувањето или кога ќе биде објавено.