Трети држави кои не се дел од ЕУ имаат право да учествуваат во проекти кои се финансирани преку инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ), изјави Тома Рение, портпарол на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, вселена и истражување.
Рение појасни: “На трети земји им е дозволено да учествуваат во САФЕ. Дозволено им е да бидат вклучени во национални инвестициски проекти што ќе ги достават земјите членки, со учество до најмногу 35 отсто.” Тој нагласи дека ова правило моментално важи за сите трети држави.
Според него, доколку некоја трета држава сака да учествува во проекти со земјите членки на ЕУ со удел поголем од 35 отсто, ќе треба да склучи билатерален договор со Унијата за целосно вклучување во инструментот САФЕ. “Такви конкретни случаи имаме со Велика Британија и Канада. Кога станува збор за други трети земји, можам да потврдам дека добивме формално барање од Турција, како и од Јужна Кореја.”
“Но, засега дадовме препорака само за Велика Британија и Канада и чекаме мандат од Советот за започнување конкретни преговори,” додаде Рение.
Портпаролот исто така истакна дека при одобрување на учеството на трети држави во САФЕ ќе се внимава на заштитата на интересите на членките на ЕУ. Во случај некоја од државите апликанти да претставува вистинска безбедносна закана за некоја членка на Унијата, таа ќе биде исклучена од проектот.
Рение соопшти дека 19 земји членки на ЕУ покажале интерес за учество во програмата вредна 150 милијарди евра, која е наменета за заеми за инвестиции во одбраната. Тие треба да ги достават своите инвестициски планови до Европската комисија до 30 ноември, по што Комисијата ќе ги процени и ќе одлучи на кои од нив ќе им бидат доделени средства преку САФЕ.
Се претпоставува дека барањето на Турција за учество во САФЕ ќе предизвика противење од страна на Грција и Кипар. Грчки официјални лица веќе изразија несогласување за вклучување на Турција или турски компании во инструментот.
Одлуката во Советот на ЕУ за учеството на Турција треба да биде донесена со квалификувано мнозинство. Сепак, кога се работи за прашања поврзани со одбраната, земјите членки се насочени кон постигнување консензус при донесувањето на одлуки, што може значително да ги намали шансите на Анкара за приклучување кон САФЕ.
За разлика од ова, се смета дека шансите за учество на Јужна Кореја се доста високи, со оглед на тоа што во последните години јужнокорејските компании се значајни добавувачи на одбранбената индустрија во Европа, особено во Полска.
Франција, пак, изразува резерви во однос на вклучувањето на Велика Британија и Франција во инструментот, бидејќи е на ставот дека средствата од САФЕ треба првенствено да бидат наменети за поддршка на одбранбената индустрија во ЕУ.
Се очекува дека за почеток на преговорите со Лондон и Отава ќе се дискутира на денешната седница на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер).
Извор: МИА