Почетна ЕкономијаРадмила Шеќеринска: Четири лекции кои ги научив пред 4 години…

Радмила Шеќеринска: Четири лекции кои ги научив пред 4 години…

од nenad
3 минути читај за




Четири лекции кои ги научив пред 4 години:

  1. Големите чекори на почетокот изгледаат невозможно. Еден од првите совети кои ги добив во 2017 година беше “менаџирајте ги очекувањата – не ја подгревајте надежта дека членство во НАТО може брзо да се случи”. НАТО имаше крупни внатрешни дилеми, ставот на САД (па и други) кон понатамошно ширење беше контроверзен, Алијансата имаше поинакви приоритети. Советот беше добронамерен, но погрешен. Големите чекори никогаш нема да ги направиме ако чекаме “на готово”, ако бегаме од одговорност или “спиеме на увото” дека цел свет мисли на нас и ќе не “фати за рака и донесе до целта”. Што би рекол Invictus: “Ние сме господари на нашата судбина и капетани на нашиот брод!”

   

 

  1. Крупните промени создаваат страв. Дури и кога мнозинството е незадоволно од состојбите (како што таа година беше и во Министерството за одбрана и во Армијата) – најавата за промени секогаш носи нелагода, резерва, скепса, страв. Што ако биде полошо? Што ако плановите пропаднат? Што ако ветувањата се јалови, а зборот биде погазен? И така, прашање по прашање, се создава атмосфера во која најлесно е да се продолжи како што било, да не се “лула бродот”, да се преживува наместо да се расте. Затоа, крупните промени бараат реален план и чекор-по-чекор создавање доверба. Како? Едноставно – штедливо со зборовите, а видливо со резултатите. Малите успеси да ги искористите како влог во следната цел, како нова енергија до следниот предизвик.

 

  1. Луѓе градат, луѓе рушат! Успехот на секоја голема задача зависи од луѓето во тимот. Во секоја институција имате сосема различни поединци: способните ќе се радуваат на предизвикот, вредните ќе работат, сомничавите ќе набљудуваат, мрзливите само ќе се правдаат, вечните критичари ќе плукаат, а калкулантите ем ќе бегаат од одговорност ем ќе се подготвуваат за медали ОТКАКО работата (за која не придонеле) ќе се заврши. Не вреди да се нервирате околу сево ова, само коректно “поделете ги улогите” и дајте им шанса на оние кои имаат знаење и свој став, кои почитуваат и држат до принципи. Таквите луѓе ќе работат деноноќно, нема да се жалат ниту пазарат, нема да се чуваат “за полесни времиња”. Ќе го градат системот, ќе го одработат своето и ќе бидат горди што биле дел од успехот на својата татковина.

 

  1. Ништо не успева како успех! Кога ќе ги поминете најголемите премрежија, кога ќе ги превземете големите ризици и преживеете најголемите кризи – тогаш успехот ќе стане “заразен”. Никој веќе нема да го доведува во прашање. Сите ќе речат: “Се знаеше дека ќе биде”. И навистина се ќе биде поуспешно и полесно од тој момент натака. Ако во првата фаза ви беше неопходен силен ентузијазам кој ќе го ширите околу себе, во овој момент ваш најважен сојузник мора да ви биде скромноста. Оти, како што (велат) поразот е сирак, додека победите имаат многу мајки и татковци. Немојте да се лутите поради тоа – напротив, знајте дека тоа ги прави толку важни и убави. Не ја губете главата, но уживајте во победата – и собирајте памет и сила за следните битки и идните победи! Честитки до сите за нашиот убав, мал јубилеј. Искрена благодарност до сите оние кои тивко, вредно, постојано и несебично работеа, се жртвуваа, се вложија и сработија – напишавте историја!