Рускиот претседател Владимир Путин ги поттикна официјалните лица од економскиот сектор да ги искористат можностите кои се појавуваат во глобалната економија поради пазарните немири и заострувањето на трговските војни.
Русија, чија трговија со САД и Европската Унија значително се редуцираше поради санкциите воведени заради војната во Украина која трае повеќе од три години, не беше директно погодена од американските царини воведени од претседателот Доналд Трамп кон многу земји.
И покрај санкциите, руската економија забележа подобри резултати од предвиденото во текот на тригодишниот конфликт, но сега земјата се подготвува за подолг период на намалени цени на нафтата, нејзиниот примарен извозен продукт, што ќе доведе до пад на буџетските приходи, анализира Ројтерс, пренесува БТА.
“Светската економска ситуација се влошува поради значителните флуктуации на стоковните и финансиските пазари предизвикани од зголемената глобална конкуренција,” рече Путин на средба со државни функционери.
Тој потенцираше дека е од суштинско значење не само да се набљудуваат овие фактори и да се предвидуваат промените, туку и да се искористат шансите за развој на домашното производство, трговските односи и извозот, со цел зајакнување на националната економија.
Ова беше првиот коментар на Путин за глобалната економска состојба по објавувањето на американските царини.
Ројтерс потсетува дека Путин, кој води дипломатски преговори со Вашингтон за мир во Украина, повеќе пати ја пофали политиката на Трамп.
Средбата на Путин со претставниците на државната власт се одржа ден пред состанокот на Управниот одбор на Централната банка на Русија, каде ќе се одлучува за основната каматна стапка, која моментално е 21 отсто, највисока од раните години на владеењето на Путин.
Централната банка и Министерството за финансии, чии раководители присуствуваа на средбата, предупредија за последиците од глобалните потреси врз руската економија.
Министерот за финансии Антон Силуанов вчера изјави дека Русија мора да ги зголеми фискалните резерви за да обезбеди тригодишно покритие на буџетските расходи доколку цените на нафтата останат ниски подолг период.
Путин призна дека буџетските расходи пораснале за 25 отсто во првото тримесечје од 2025 година, но истакна дека тоа е намерно направено за да се обезбеди навремена исплата на сите корисници на буџетски средства.
Според документ на Министерството за економија, Русија ја редуцираше прогнозата за приходите од извоз на нафта и гас за периодот 2025-2027 година, кои се главен извор за финансирање на државниот буџет, очекувајќи пад од 15 отсто оваа година поради пониските цени на нафтата.
Стапката на економски раст на Русија се очекува да се намали од 4,3 отсто минатата година на речиси 2,5 отсто оваа година.
Путин ова го опиша како „меко слетување“, нагласувајќи дека е тоа дел од планот за борба против инфлацијата, која сè уште е над 10 проценти.
ссм/фото: ЕПА .