Почетна МакедонијаПроф. д-р Катерина Тодороска: Колективно пеплосување

Проф. д-р Катерина Тодороска: Колективно пеплосување

од nenad
4 минути читај за

Откако го испочитував тихувањето на бесот, посакав да ви пишам еден текст без намера да умувам.

 А, за да можам да ви ја доловам мојата порака, ќе  се послужам со две приказни кои одамна сум ви ги пишувала во различни пригоди, секако, без никаков ефект.

            Првата.

            Во една селска куќа домаќинот купил стапица за глувци. Тоа го вознемирило глувчето, па отрчало кај кокошката.

  • Коковче, знаеш ли дека стопанот донесе стапица?
  • Де глувче, па мене стапицата може само да ме почеша по клунот.

Потоа отишло кај свињата.

  • Свинче, знаеш ли дека стопанот донесе стапица?
  • Де глувче, па мене стапицата може само да ми го почеша копитово.

Потоа отишло кај карвата.

  • Кравче, знаеш ли дека стопанот донесе стапица?
  • Де глувче, па со мене стапицата може само да настрада ако ја згазам.

Вечерта, стапицата се затворила, а домаќинка по тресокот отрчала да види што се фатило, кога таму змија која ја каснала. Веднаш била однесена во болница, а лекарите кажале дека состојбата е сериозна, па ќе ѝ помогне супа од кокошка. Така, стопанот ја заклал кокошката.

Но, состојбата не се подобрувала, а соселаните и роднините на несреќната домаќинка постојано оделе во посета на семејството да се распрашаат за нејзината состојба. За да се отчести со посетителите, семејството решило да се заколи свињата.

Поминувало време, состојбата на домаќинката не се подобрувала, па таа починала. За потребите на погребот и другите денови на жалост, домаќинот ја заклал кравата.

Гледајќи го сето тоа, глувчето само помислило: А убаво им велев, стапицата нема да е за арно.

Втората.

Во еден двор имало голема јаболкница. На нејзиното стебло била потпрена голема скала. Најмалото и најразгалено дете на стопаните на дворот сакало да скине јаболко, па тргнало нагоре по скалата. Се качило на првото скалило, се обѕрнало лево-десно и бидејќи никој не го прекорил, се качило на второто скалило. Очекувало дека некој ќе го удри по нога, ама бидејќи повторно никој не го прекорил, продолжило да се качува. И така, скалило по скалило детето стигнало најгоре на скалата до врвот на јаболкницата. И како херој на искачувањето, со целата сигурност во себе, со двете раце посегнало да скине јаболко. Во истиот момент се струполило на земја, а последиците биле кобни и по детето и по семејството.

И што сакам да ви кажам.

Со години многумина кои не ги сметавме за „наши“ имаа мака и укажуваа на грешки или можни состојби кои можат сите да нѐ засегнат. Но, досега најважно беше да го исмееме оној кој укажува, бидејќи сметавме дека нам „стапицата“ не ни може ништо. Дури можеме и да ја згазиме. Никако не научивме да сочувствуваме со туѓата мака, а туѓата болка ја заборававме по три дена, оти нели „секое чудо за три дена“.

Денес, кога колективно пеплосавме се сетивме на „глувчето“ кое со децении бараше да се претпазиме од идни трагедии. Ама, нели предизвикувачите на трагедиите кои не беа наши, беа „наши“ та никој не смееше да ги чепне за да не излезат фекалиите во кои упорно се трудевме да пливаме.

И тука некаде се надоврзува втората приказна која требаше да нѐ научи дека доколку некој некадарник навреме не го чукнете по нога, тој ќе се качува по скала до врвот. Така му се овозможува да се струполи, а притоа на сите нас да ни донесе изгор на душата. Досега си го гледавме раатот и потклекнувавме на заканите на „бедните моќници“ заштитени од „семејството“.

Денес е предоцна за каење. Но, не е предоцна да спречиме идни колективни трагедии. А тоа е можно само доколку со сите сили да застанеме зад оние кои сакаат да не дишеме отровен воздух, да не нѐ уништуваат балансери за здомување на некадарници, да се прегледа секој автобус/локал, да не нѐ лажат со моќта на кабелот, да зборуваме за секоја грешка и да го пофалиме секој добар потег.

Предоцна е, но ќе потсетам на една моја многу објавувана порака. Дното има визба, визбата има дно, а ние грабиме кон лавата. А таму нѐ чека колективно пеплосување. Џабе било пишувањето.

Од сите чувства што ги прочитав дниве излеани преку вашите зборови останав вчудоневидена од степенот на немање минимум самокритичност. Нашата единствена и прескапа Македонија ја опишавте со толку погрдни зборови што не можам да не забележам дека таа состојба е создадена од нас, а Македонија само нѐ трпи и чека да дојдат генерции кои ќе сфатат дека е бесценета.

За крај.

Кога некој ви кажува дека има стапица во куќата, слушнете го.

И кога некој некадарник ќе граби кон „висините“ на скалата, чукнете го по нога за да не доживееме некое ново колективно пеплосување.


Post Views: 117