Кога си дете сонуваш и мечтаеш за многу работи, замислувајќи се во разни животни улоги и збиднувања. Но како што времето одминува, со максимален личен труд, полека но сигурно, почнуваш да сфаќаш дека тоа што си го посакуваш, почнува да ти се случува. И така годините се пластеа, а адресата на живеење почна да добива нова димензија. Можеби не по лична карта, но затоа секое доаѓање пред портите на дедовата куќа навира споменот за детскиот џагор и дамнешните помисли дали и кога ќе се населам во фреквентната метропола која неуморно почива на двата брега на реката Вардар.
Деценија време како секое утро Провинцијалецот се буди со градската бучава, свирежот од автомобилите на разјурената мешавина возачи од провинцијалци и метрополци. Повеќе ги нема оние мирни и тивки утра, кога свиреж на колона возила ечеше само кога некој правеше свадбена церемонија. Стануваш од удобството на топлиот кревет и зашеметено трчаш низ неколкуте метри квадратни станбена површина за да се подготвиш за низ градското лудило. Централизираноста на системот кој нè прикова во алките на економските можности и предизвици на големиот град не стутка како кокошки во кафези во тие навидум големи станбени единици, но со мал простор за секој од нас. Навиките полека, но сигурно почнуваат да се таложат, градејќи ја секојдневната матрица која како камелеон те претопува во метрополската толпа.
Одвреме-навреме некаде низ дното на душата ќе пецне жарот да се спакува малото куферче и да се тркне до провинцијата. Без разлика дали стотината километри си ги поминал со еден од ретките меѓуградски автобуси, некој те донел или си пристигнал со сопствен автомобил прашањата од комшилукот се неизоставни. Во зависност на транспортот така се креираат и испитните, прелиминарни реченици кои на крајот завршуваат со интерпункциски знак прашалник. Колку повеќе прашалници, толку повеќе и одговори, но не, а и зошто? Посебно си интересен и имаш поголем статус на „гостин“ кога си еден од видните граѓани во големиот град под Водно. Некој кој не те ни познавал додека неуморно си трчал како дете, а потоа и си растел во тинејџерството низ провинцијата сега те кани на шолја домашно кафе. Си дава за право да те пофали без конкретен мотив, навестувајќи ти дека следното нешто што сака да го дознае е колку заработуваш, каде живееш и со кого и дали можеш да си ги покриеш трошоците.
Поврзани објави
Ако си еден од оние повештите на одмерен начин ќе ги одложиш сите одговори, ако пак си од другата категорија тешко тебе. Но се чини дека најинтересното и најважното е, барем така било низ сите овие години до сега, до кога ќе останеш дома, до кога ќе бидеш во родното место. И тука просто се прашуваш зошто комшиите те отпишуваат, а метрополците не те прифаќаат. Овие првите веќе си имаат зацртано дека ти еднаш ако си се преселил мора засекогаш да останеш таму, тоа е закон. Вторите, пак, доживотно ќе те пречекуваат со комплименти колку добро те натовариле со домашни производи од дома, живеејќи со надеж дека еден ден повторно ќе се вратиш од таму каде што си тргнал.
Секоја доба сама по себе си носи правила и можности. Дел од јатото на придојдени провинцијалци во метрополата во некои подоцнежни фази од живеачката повторно ќе си ги спакуваат куферите и ќе си се вратат од каде што тргнале. Раат да си ја туркаат третата доба, со вкусови на домати, пиперки и краставици од сопствената градина и манџа со состојки од блиската нива, а станбените педесетина квадрати, кои ги отплаќале цел век, им ги оставаат во наследство на своите потомци, на своето семе. Семе кое ќе расте и ќе дава плод на туѓа почва, но кое на крајот ќе стане хумус таму каде што никна.
Пишува: Провинцијалецот
Фото: pexels/Oleksandr P