Во Провинцијата можеби нема големи трговски центри, но затоа е тука маалката продавничка на тетка Маре во која има од игла до локомотива…
Не знам кога последен пат сте биле заљубени, сте фатиле девојка или момче за рака и гордо сте шетале пред очите на сите. Сите кои имаат свое мислење и став за се и сешто освен за самите себе. Себе си е најтешко да си кажеш и признаеш нешто, било што, кое никој друг ниту ќе сака да го слушне, а ниту да го разбере. Разбирањето е одлика на големите луѓе, оние кои паѓале и повторно се издигнувале, без крик, не затоа што не ги болело туку затоа што радоста на успехот е посилна од писокот на откажувањето.
И за неколку недели Провинцијалецот повторно си најде место, успеа преку своите колумни да допре до секој еден Пеер брат. Да допре во неговата интимна имагинација и уште еднаш по кој знае кој пат да потсети дека без провинција нема метропола. Метропола која секогаш ќе ја шета, но никогаш нема горно да ја љуби.
Пред години, веќе и децении, кога за прв пат стапнав во градот под Водно се чувствував како прв пат кога легнав со девојка. Ништо не ми беше познато, не знаев што да очекувам и во кој правец да се движам. Чувствував вибрации во душата, сакам да го дадам максимумот од себе, но стравот од непознатото и отсуството на искуство си го наплатија данокот. Данок кој се плаќа цел живот, но времето си го прави своето, а повторувањето се пласти како бесценето искуство, какво – такво, кое неуморно се носи на плеќите.
Да си Провинцијалецот во големиот град е повеќе привилегија отколку недостаток. И тука логично се наметнува прашањето, ама како и зошто. Епа вака драги Пеер браќа. Кога си од провинција доселен во големиот град по автоматизам имаш две живеалишта, едно во Скопје, и едно кое ти е дом во Провинцијата. Да си од провинција значи дека знаеш еден дијалект повеќе од секој еден Пеер брат. Кога ја напушташ адресата по лична карта сакал или не ќе научиш да си трпелив. Ќе го чекаш меѓу градскиот превоз со часови, ако треба и ќе стоиш неколку часа. Сакал или не, ако често патуваш особено на почетокот, ќе ги научиш сите села и градови од Провинцијата до Метрополата. По желба на случајноста или игра на судбината ќе сфатиш зошто во малите места не се потребни семафори, големи трговски центри и јавен превоз.
Во Провинцијата не ти треба градски превоз, се е тука, што се вели пред нос. Не мора да чекаш 5ка за до другиот крај на градот, ќе си претрчаш. Не само што ќе заштедиш пари туку ќе си го подобриш и здравјето и кондицијата. Во малите места можеби нема семафори затоа што и нема голем сообраќаен метеж, но затоа и нема загаден воздух. Во Провинцијата секоја куќа мириса на дом, од дворовите си шират миризби на разно разни зимници, градините бодат очи со свежи домати и краставици, а срамежливо од зад оградата ѕиркаат и бројни овошни дрвца. Во Провинцијата секој на секого му вика здраво, не му се лути за паркинг место. Не дека има многу паркинзи туку секоја куќа има двор. Двор во кој не само што има место за автомобилот туку и за одмор и релаксација. И додека Пеер браќата се туткаат на балкон од неколку квадрати среде летни горештини Провинцијалците си врат скара под лозата засадена од чукун дедо.
Поврзани објави
Во Провинцијата можеби нема големи трговски центри, но затоа е тука маалката продавничка на тетка Маре во која има од игла до локомотива. Не ти треб ниту шеф на смена ниту менаџер на компанијата. Тетка Маре е главна и на каса и во месара. На памет ги знае сите шифри и цени, знае како да ти помогне во изборот на подарок, таа ќе оди на роденденската торта кога ќе се лупат ајварките.
Да си од Провинција во овој период од годината е милина. Во блиската околина дивите јагоди, капини и малини се истуриле, мамат со своите природни и сочни плодови. Сакал или не ќе си набереш за своја душа, но и за слатко кое ќе си го мацкаш во Метрополата.
Метрополата која до крај на живот ќе си ја шеташ, а вечно ќе си ја љубиш Провинцијата.
Пишува: Провинцијалецот
Фото: pexels