Доколку и вие сте во процес на градење ,,тело за на плажа’’, но кризите за благо ви се секојдневно искушение, погледнете го овој видео рецепт што ќе ги задоволи потребите и воедно ќе ве унапреди во колега број еден
Тешко е да се внимава на исхраната кога сте единствениот во канцеларија што другарува со калорискиот дефицит и внесот на протеини. Но доколку успеете вашите здрави навики да им ги пренесете и на колегите, тогаш односот со нив, работата како и бројката на вага можат да добијат нов облик. А сѐ е позабавно и полесно кога се прави во друштво, нели?
Апетитот во нашата редакција е во постојана потрага по нови, вкусни рецепти. За наша среќа, во судир со креативноста се раѓаат нови идеи за вкусови за кои се потребни само неколку состојки а ние како страсни гурмани секогаш имаме волја да ги тестираме.
За овој вкусен, лесен и протеински рецепт ни беше потребно:
- 50 г чиа семе
- 100 г кокос
- 3 лажици мед
- 250 мл кокосово млеко
- 1 доза протеин од ванила
Поврзани објави
Започнете со мешање на чиата со кокосовото млеко во голем сад. Почекајте околу 30 минути да нарасне чиата. Кога ќе ја добиете посакуваната густина и целото млеко ќе биде впиено, додајте го медот. Потоа доза протеин, и на крај кокосот. Полека истурајте и мешајте истовремено. Кога се’ ќе се соедини, доаѓа на ред најзабавниот дел, формирањето на бомбиците. Секоја бомбица извалајте ја повторно во кокос и рецептот е подготвен за дегустација.
Од овие мерки, во зависност од големината на бомбиците, ќе добиете 10-12 парчиња со по 120 калории од парче.
Уживајте во ова слатко задоволство и во мирната и весела атмосфера што ќе завладее по наполнетите стомаци!