Неговите концерти не се обични музички настани – тие се искуства што оставаат трага, а македонските обожаватели сега за првпат ќе имаат привилегија и самите да го посведочат тоа
Славниот австралиски музичар Ник Кејв на 22 август ќе одржи интимен концерт на стадионот АРМ, во рамки на Скопје Колинг, како дел од својата соло-турнеја низ Европа. Овој пат нема да настапи со своите Bad Seeds, но затоа на сцената ќе му се придружи Колин Гринвуд, најпознат како басист на култниот британски рок-бенд Radiohead.
„Драги наши, останаa уште неколку дена до 22 август, кога веројатно најбараниот и најпосакуваниот артист во Македонија, музичарот, поетот, писателот, композиторот, генијалниот уметник НИК КЕЈВ, во склоп на својата NICK CAVE SOLO турнеја доаѓа во Скопје!
Луѓе од цел регион и Европа купуваат карти за концертот во Скопје, што е доказ дека токму нашиот град ќе биде центар на едно од најголемите и најексклузивни музички и културни случувања ова лето во регионот“, порача Бобан Милошевски од „Авалон“, организаторите на овој незаборавен спектакл.
Музиката на Ник Кејв се карактеризира со силен емоционален интензитет, претставува спој на различни влијанија и се издвојува по посебниот лирски приказ на смртта, религијата, љубовта и насилството. Неговиот специфичен баритон и широкиот дијапазон на музички жанрови со коишто експериментира – од постпанк до блуз и госпел – креираат уникатен и возвишен звук.
Поврзани објави
Епитетот „принцот на темнината“ често се поврзува со Ник Кејв поради раните фази од неговата кариера, кои се одликуваа со мрачна и интензивна музика, особено додека настапуваше со австралискиот постпанк бенд The Birthday Party. Иако еволуираше како музичар низ годините и се сврте кон порефлексивни, дури и оптимистични теми, овој епитет остана значаен елемент од неговата јавна персона.
Но смртта и болката како теми не се провлекуваат единствено во неговата музика. Ник Кејв е музичар со тежок товар и трагична судбина, што веројатно го објаснува неговиот посебно меланхоличен сензибилитет. Во 2015 година се соочува со смртта на 15-годишниот син Артур, кој починал откако паднал од карпа, а подоцна следи и загубата на неговиот 31-годишен син Џетро.
Токму затоа, неговите настапи речиси секогаш се катарзични, интимни и длабоки, исполнети со посебна конекција помеѓу уметникот и публиката. Неговите концерти не се обични музички настани – тие се искуства што оставаат трага, а македонските обожаватели сега за првпат ќе имаат привилегија и самите да го посведочат тоа.
Влезниците се во продажба онлајн на avalonbooking.mk и во продажната мрежа на karti.com.mk ширум Македонија!