Во општина Преспа, во Грција, се одржа средба со министрите за култура од трите соседни земји, со цел започнување заеднички процес за подготовка на кандидатурата на регионот Преспа за впишување на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
Седат Сулејмани, министер за култура и туризам на Македонија, министерката за култура на Грција, Лина Мендони, и министерот за туризам, култура и спорт на Албанија, Бленди Гонџја ја потпишавме изјавата за заедничка подготовка на номинацијата на Преспанскиот Регион за Листата на светското наследство на УНЕСКО.
На средбата присуствуваа и шефот на Делегацијата на ЕУ, Михалис Рокас, раководителот на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево, Синиша Шешум, постојаната координаторка на ОН во Македонија, Рита Колумбија, како и претставници на институциите и локалните самоуправи од трите земји.
Преспа ги поврзува трите земји преку својата природа, историја и култура. Целта на иницијативата е заштита на ова уникатно наследство, создавање нови можности за локалните заедници и развој на одржливиот туризам.
Европската Унија ќе обезбеди 2 милиони евра за изработка на физибилити-студија за подготовка на оваа трилатерална кандидатура.
Во албанскиот дел на Преспа, реставрацијата на ѕидните фрески во црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град, осветлувањето на црквата и пристапната патека, како и Музеј-куќата на Стерјо Спасе во Глобочани, придонесуваат за збогатување на културната и туристичката понуда на регионот.
Дополнително, проектот ACT4PRESPA, финансиран од Европската Унија, обединува институции од трите земји во насока на конзервација, дигитализација и промоција на уникатните вредности на културното и природното наследство на Голема и Мала Преспа.
Во рамките на идната соработка се предвидува развој на заеднички туристички маршрути, истражувачки мисии и експедиции за проучување и промоција на Преспа и Охрид, како и уметнички, спортски и младински размени меѓу соседните земји.
Иницијативата претставува чекор кон зајакнување на прекуграничната соработка, заштита на заедничкото наследство и создавање нови можности за одржлив развој на регионот.
Post Views: 90
Извор : vesnik-ilinden.com