Почетна ЕкономијаПреостануваат шест дена за пријавување на Конкурсот за ЕУ наградите за истражувачко новинарство 2025

Преостануваат шест дена за пријавување на Конкурсот за ЕУ наградите за истражувачко новинарство 2025

од nenad
2 минути читај за

Отворен е повикот за “Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2025” за најдобрите истражувачки приказни во Република Северна Македонија. Крајниот рок за доставување на апликациите е 16 јуни 2025 година до полноќ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари кои имаат објавено истражувачки стории во текот на изминатата календарска година да аплицираат за ЕУ наградата за истражувачко новинарство. Наградниот фонд за Република Северна Македонија изнесува 10,000 евра и признанијата се доделуваат во рамките на проектот “Зајакнување на квалитетот на новинарството на Западен Балкан и Tурција II”.

Целта на наградата, како што се наведува, е “да ги препознае извонредните достигнувања во истражувачкото новинарство и да ја зголеми видливоста на квалитетните стории”. Признанието се доделува во земјите од Западен Балкан (Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија) и Турција.

Освен националните признанија, повторно ќе бидат наградени и најдобрите регионални стории. Паричниот фонд за националната и за регионалната награда изнесува по 10,000 евра. Во секоја држава, трите најдобри приказни ќе бидат наградени, а националните и регионалните признанија изнесуваат по 5,000 евра за прво место, 3,000 евра за второ место и 2,000 евра за трето место. Секој кандидат може да ги пријави своите стории за националната, за регионалната или за двете награди. Еден кандидат на конкурсот може да пријави најмногу три стории.

Жири-комисијата за националната награда има ексклузивно право сториите кај кои ќе препознае регионална вредност да ги предложи и за регионалната награда, дури и во случај тие стории при аплицирањето да не биле пријавени за тој конкурс. Во тој случај, организаторите ќе побараат одобрение од авторот да учествува на регионалниот конкурс.

Конкурсот за ЕУ наградата за истражувачко новинарство 2025 го организира Томсон медија, а спроведувач во Република Северна Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, организации со долгогодишно искуство во развој на медиумите, промоција на правата на новинарите и професионалното новинарство. Овој проект е финансиран од Европската Унија и е спроведуван од конзорциум кој го сочинуваат Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Северна Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).