Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за царински тарифи, креираме економија која функционира за граѓаните, претпријатијата и иднината на нашата држава.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, денес од Собранието изјави дека “се предвидува редукција до 50 проценти на царинските стапки кои важат во ЕУ, а дополнително, се укинуваат царините за увоз на стоки со потекло од САД”.
Со одобрувањето на овие измени, како што нагласи Пренџов, Парламентот даде дозвола за стратегијата на Владата за редуцирање на царинските давачки за мноштво суровини и репроматеријали кои се од суштинско значење за локалната индустрија и енергетскиот сектор.
Тој појасни дека листата вклучува 67 артикли и е подготвена на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора и бизнис-заедницата.
Пренџов истакна дека овие мерки ќе имаат повеќекратно позитивно влијание: намалени трошоци за изработка, подобрена конкурентност на домашните компании на странските пазари и поттикнување на нови инвестиции и создавање нови работни места. Тој додаде: “Ова не се само економски бројки – ова се одлуки со директно влијание врз секојдневната економија, врз реалните процеси во фабриките, малите бизниси, и извозно ориентираните компании.”
“Укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите Американски Држави не е само трговска, туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија”, рече Пренџов.
Тој заклучи дека со оваа законска измена, македонските компании ќе бидат поконкурентни, трошоците за производство ќе се намалат, а извозот ќе се зголеми, што директно ќе влијае врз растот на националната економија. “Ова е само еден сегмент од поширокиот План за економски раст – план што нуди издржани, применливи и проверливи решенија за подинамична економија и ефикасно домашно производство. Се посветуваме на економијата во пракса – не на економијата на хартија. Ова се решенија што носат резултати”, заврши Пренџов.