Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага против четири лица поради основано сомневање дека учествувале во кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, преку заеднички активности. Јавното обвинителство на Република Северна Македонија објави дека од судија на претходна постапка ќе биде побарана мерка привремен 48-часовен притвор заради обезбедување докази.
„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.“
Во соопштението се додава дека се испитува и можната одговорност на други лица. Јавниот обвинител во текот на денот издаде повеќе наредби за прибавување докази, по кои надлежните органи сè уште работат, а се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина.
„Од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани”, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека врз песочната покривка се нанесува специјална пена за целосно да се спречи чадењето. Пожарот избувна вчера околу 14 часот во магацин за рециклирање отпад. Четири лица побарале медицинска помош по пожарот, но нивните животи не се во опасност.