Почетна Убавина и здравјеПразничниот дух некогаш и денес“ – Убавина и здравје

Празничниот дух некогаш и денес“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Секој крај на година носи едно и исто – Нова Година. За некои е време на рефлексија, за други – повод за нови почетоци, а за трети – едноставно причина да го исфрлат сето она што ги притиска. Но, кога размислувам за овој празник, нешто ми недостасува. Може би, не е истото кога гледам на дочекот на Нова Година низ очите на дете од пред неколку децении и сега, како возрасен, кој чека сè да биде „совршено“ за фотографија.

Некогаш, дочекот на Нова Година беше едноставен. Не ни требаше многу – само добра волја и желба за дружење. Се собиравме, без разлика дали тоа беше во нечија соба или во гаража. Но тоа не беше важно. Празничниот дух го носевме во себе. Устите ни беа полни со весели зборови, а срцето со искрени желби.

Денес, како возрасни, нешто се промени. Дојдовме до точка каде што не само што бараме новогодишната ноќ да биде нешто „совршено“, туку и сè што се случува во неа мора да биде документирано, за да го споделиме со сите на социјалните мрежи. Тие исти социјални мрежи кои во суштина само ни го оттргнуваат вниманието од вистинската значајност на моментот, а за возврат нè тераат да го споредуваме нашиот живот со животите на другите.

Дружбите, некогаш природни и искрени, сега многу често се претвораат во социјални обврски. Пријателите, кои некогаш беа дел од нашето секојдневие, сега на нив се сеќавање, кога размислуваме за 31 декември. И тогаш, не сакавме да пропуштиме да покажеме дека и ние сме таму, на најпопуларната забава, дека и ние сме дел од најголемиот и најубавиот настан. Пропустот да не се појавиш на таквиот настан денес, во светот на социјалните мрежи, не е само пропуст од љубовта кон празникот, туку и пропуст во животот – пропуст да покажеш дека „твојата магија“ се случува.

Ги разбирам луѓето кои сакаат да се чувствуваат дел од нешто поголемо, но во истиот момент се запрашувам: каде исчезна вистинското радување? Кога последен пат навистина се смеевме и се забавувавме без да се грижиме за тоа како ќе изгледа нашата фотографија на Инстаграм? Кога последен пат дочекот на Нова Година не беше предизвик за потврда на нашето егото, туку можност да споделиме искрена среќа?


Поврзани објави

Ние сме тие што го градиме нашето празнично искуство. Без разлика дали тоа ќе биде во некоја импровизирана просторија или во најгламурозниот ресторан, важно е само едно – да го почувствуваме духот на Нова Година. Не како нешто што ќе покажеме на социјалните мрежи, туку како нешто што ќе остане во срцето. На крајот на краиштата, моментите на вистинска среќа не се мерат преку лајкови, туку преку искрените емоции што ги делиме со оние што ги сакаме.

Се надевам дека, и покрај брзиот и површен социјален живот што го водиме, ќе успееме да најдеме време за вистински среќни моменти, каде што нема потреба да се снимаме за да бидеме среќни. Тие моменти, без филтри и без потреба за потврда, ќе бидат оние кои ќе го носат вистинскиот празничен дух и ќе бидат сеќавањата што ќе ни останат засекогаш.

Можеби за некои, ова изгледа како носталгично сеќавање на минатото, но тоа не значи дека не можеме да го вратиме оној чист дух на празнување што некогаш го имавме. Нова Година нека биде време за сопствени желби и намери, а не само за славење што ќе биде забележано од целото општество. Нашите најголеми празнични моменти не се оние што ги ставаме во рамки, туку тие што ги носиме во срцата.

Секој од нас има можност да го создаде својот уникатен и вистински празничен дух. Понекогаш, најдобрите моменти не се најавуваат со звукот на петарди или свечената облека, туку со тивката радост што ја делиме со најблиските. За среќа не треба да чекате совршени услови – само отворени срца и искрена посветеност на тоа што е навистина важно. Нека оваа Нова Година биде почеток на нови, но значајни моменти што ќе ги чуваме далеку од телефонските екрани, но близу до душите.

Пишува: Провинцијалецот

Фото: pexls/cottonbro studio