Делегацијата за преговори на палестинската исламистичка организација Хамас денес патуваше од Доха во Истанбул, каде ќе одржи разговори со турски официјални лица за “најновите случувања” по застојот во разговорите со Израел околу прекинот на огнот во Појасот Газа.
“Висока делегација на Хамас, предводена од Мохамед Дарвиш, претседател на Советот на лидерите на Движењето и преговарачкиот тим, заминува за Истанбул,” изјави анонимен претставник на Хамас.
Индиректните дискусии меѓу делегациите на Израел и Хамас траат повеќе од две седмици со помош на посредници, меѓу кои е и Катар. Нивната цел е да се постигне спогодба за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници кои се во владение на Хамас, речиси 22 месеци по започнувањето на војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот соопшти дека Хамас “не сака договор” и дека “сака да умре”, а специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, вчера го потврди неуспехот на преговорите и ја доведе во прашање чесноста на Хамас.
Членот на политичкото биро на Хамас, Басем Наим, во петокот истакна дека последните преговори биле за деталите околу повлекувањето на израелската војска од Појасот Газа. Други претставници на Хамас изразија изненадување од забелешките на САД, наведувајќи дека веруваат оти преговорите се одвиваат успешно.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, денес го отфрли меѓународниот притисок за прекин на огнот и рече дека би била “трагедија” доколку Израел ја сопре војната додека Хамас владее со Појасот Газа и држи заложници.
јт/Фото: Пиксабеј .
Извор: МИА