„Не знам веќе по кој пат треба да се обратам и на која врата да тропнам за некој конечно да го слушне ова што го зборуваме ние родителите на деца со попреченост“, вели мајка на две девојчиња кои годинава започнале да посетуваат редовно училиште, но наместо поддршка од образовни асистенти, таа е принудена секојдневно да седи со нив на училиште.
Во објава на социјалните мрежи, мајката го сподели своето искуство и посочи дека нејзините две ќерки се соочуваат со сериозен проблем уште на самиот почеток на учебната година.
За девојчињата, почетокот на учебната година значи нова средина, нови лица и нова рутина. Наместо целото внимание да биде насочено кон нивното прилагодување, учење и напредок, мајката мора да биде присутна во училиштето затоа што тие сè уште немаат обезбедени образовни асистенти.
Особено проблематично, според неа, е тоа што на двете деца им следува само еден образовен асистент.
„Одговорот што го добиваме е дека се чека одобрение од МОН, па потоа ООУ „Златан Сремец“ треба да распише конкурс и да ги ангажира асистентите. Предавање на топката исто како и секогаш“, наведува таа.
Мајката вели дека ги разбира процедурите и ограничувањата со кои се соочува училиштето, но смета дека административните постапки не смеат да бидат причина децата да останат без потребната поддршка.
„Децата не можат да чекаат администрацијата да си ја заврши работата“, порачува таа.
Според неа, кај децата со попреченост стабилноста и континуитетот се особено важни. Промената на средината, луѓето и рутината може да претставува дополнителен предизвик, поради што им е потребна сигурност и личност со која ќе изградат доверба.
„Не може денес еден човек, утре друг, задутре трет и да очекуваме детето само да се приспособи“, вели мајката.
Таа додава дека како родител секогаш ќе биде покрај своите деца, но дека не може истовремено да ја презема и улогата на образовен асистент, терапевт, организатор и лице кое постојано ќе се обидува да ги решава институционалните проблеми.
„Не можам јас да бидам и мајка и образовен асистент и терапевт и организатор и човекот што секојдневно ќе се бори со институциите“, вели таа.
Мајката нагласува дека не бара привилегија, туку исполнување на потребите на нејзините деца за да можат рамноправно да се образуваат.
„Не барам ништо повеќе од другите. Барам моите деца да го добијат она што им е потребно за да можат рамноправно да одат на училиште“, порачува таа.
Според неа, ова не е изолиран случај, туку проблем со кој се соочуваат повеќе семејства на деца со попреченост.
„Ова не е само моја приказна. Ова е проблем со кој се соочуваат многу родители и за кој премногу често се молчи. Затоа решив да не молчам“, наведува мајката.
Таа најавува дека ќе продолжи јавно да зборува за проблемот и да бара одговор од надлежните институции сè додека не се најде решение.
„Моите деца заслужуваат да бидат ученици, а не да бидат оставени да чекаат системот да одлучи кога ќе има време за нив“, порачува таа.