Почетна ЕкономијаПочина италијанскиот креатор на мода Џорџо Армани

Почина италијанскиот креатор на мода Џорџо Армани

од nenad
1 минути читај за

Италијанскиот креатор на мода Џорџо Армани почина на 91-годишна возраст, објави денес модната куќа преку соопштение на социјалните мрежи.

Во објавата, пренесена од ДПА, се вели дека тој творел до своите последни денови и починал во кругот на своите најмили. Армани важеше за еден од најзначајните модни дизајнери во светот.

Роден е на 11 јули 1934 година во Пјаченца, северна Италија, а неговото семејство се преселило во Милано по завршувањето на Втората светска војна.

По завршувањето на гимназијата, започнал студии по медицина, но ги оставил по две години. Познат како „Principe della Moda“ (Принц на модата), Армани бил второ дете на домаќинка и шпедитер.

Неговата мајка посветувала големо внимание на облеката, дури и за време на војната.

Но, неговиот дедо, кој работел како шминкер и изработувал перики во општинскиот театар, веројатно имал поголемо влијание врз неговиот моден вкус во младоста.

Минатата година, Армани размислуваше за повлекување и за италијанскиот весник Corriere della Sera изјави дека планира да ја води својата компанија уште неколку години.

Неговите дела, честопати опишани како опуштени и скромни, но сепак софистицирани, биле носени на многу црвени теписи, вклучително и од холивудски ѕвезди како Ричард Гир, Кевин Костнер, Никол Кидман и Кејт Бланшет.

јт/Фото: ДПА .