Бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство од полноќ ќе поскапат за половина денар. Ваква одлука денеска донесе Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Новата цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе биде 70,50 денари за литар, на ЕУРОСУПЕР БС – 98, 72,50 денари, на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65 денари, а на маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64 денари.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС исто така се зголемува за 1,042 денари за килограм и ќе достигне 33,649 денари.
Со Одлуката на РКЕ се предвидува зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,23 проценти во споредба со одлуката од 22-ри овој месец.
“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,908 проценти, кај дизелот за 1,970 проценти, кај екстра лесното масло за 1,282 проценти и кај мазутот зголемувањето е за 5,201 процент.”
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, по кој беа формирани цените со претходната пресметка, е понизок за 0,1801 процент, наведува РКЕ во образложението за новата цена на нафтените деривати.