СКОПЈЕ – Во Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради официјалната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од СВР Скопје информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе соодветни мерки на повеќе сообраќајници во поширокото централно подрачје на градот.
Поради протоколот и безбедносните мерки поврзани со посетата, можно е привремено ограничување или пренасочување на сообраќајот на одредени делници.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставената сигнализација, како и наредбите и насоките што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Посетата на фон дер Лајен е дел од нејзиниот престој во земјава, во рамки на кој се предвидени средби со највисоки државни претставници.