Мајчинството носи многу физички и емоционални промени, а кожата е една од областите што може значително да реагира на нив – на позитивен, но и негативен начин.
ПОЗИТИВНИ ЕФЕКТИ НА КОЖАТА ПО ПОРОДУВАЊЕТО
Некои жени доживуваат „труднички сјај“ дури и по породувањето. Ова се должи на зголемениот проток на крв и хормоните кои сè уште се присутни во телото, како што е естрогенот, кој ја прави кожата помазна и посветла. Многу млади мајки стануваат посвесни за важноста на здравите навики, како што се хидратација и урамнотежена исхрана, кои можат да го подобрат изгледот на кожата.
Ако акните беа проблем за време на бременоста поради флуктуирачките хормони, смирувањето на тие хормони по породувањето може да доведе до појасна, поубава кожа.
НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ ВРЗ КОЖАТА ПО ПОРОДУВАЊЕТО
Хормоните за време на бременоста може да предизвикаат темни дамки на лицето, познати како мелазма, кои можат да останат по породувањето. Овие темни дамки стануваат поизразени доколку кожата е изложена на сонце без заштита. Недостатокот на сон, доењето и исцрпеноста може да доведат до дехидрација, па кожата ќе стане сува и безживотна.
Исто така, некои мајки забележуваат појава на егзема или осип поради постпородилен стрес. Поради ненадејното истегнување на кожата за време на бременоста, стриите може да останат видливи по породувањето, особено на стомакот, колковите и градите. Иако бледеат со текот на времето, често остануваат таму засекогаш. Недостатокот на сон поради ноќно доење често предизвикува темни кругови околу очите и безживотна кожа.
КАКО ДА ЈА ПРИСПОСОБИТЕ ВАШАТА РУТИНА ЗА НЕГА КОГА СТЕ МАЈКА
Важно е редовно да ја хидрирате кожата со лесни хидратантни кремови и да пиете многу вода, особено ако доите. Користењето на заштитен фактор е клучно, особено ако сте склони кон хиперпигментација (мелазма). Користењето кремови за очи со навлажнувачки и осветлувачки состојки може да помогне во борбата против темните кругови.
Користете нежни и природни производи, избегнувајќи агресивни хемиски препарати кои можат да ја иритираат кожата (а потенцијално и бебето, доколку доите).
Поврзани објави
Постојат многу третмани и кремови специјално формулирани за третман на стрии, кои можат да помогнат да се намали нивната видливост. Пробајте ги! Бидејќи на мајките често им недостасува време, едноставните рутини за нега на кожата (чистење, навлажнување, заштитен фактор) може да бидат многу корисни. Важно е само да се редовни. Секоја жена различно реагира на промените низ кои поминува нејзиното тело за време и по бременоста, но со соодветна грижа, повеќето од овие промени можат успешно да се контролираат.
ДАЛИ И КАКО ДА КОРИСТИТЕ БЕБИ-КРЕМ
Бебешките производи се формулирани со минимум состојки за да се избегне иритација, што е идеално за оние со осетлива кожа. На пример, детските сапуни, лосиони и шампони генерално не содржат парфеми, сулфати или алкохол. Бебешките лосиони обично се многу хидратантни, па затоа можат да бидат добри за мајките со сува кожа. Тие содржат глицерин, бадемово масло или шеа путер, кои помагаат да се задржи влагата.
Покрај тоа, производите за бебиња подлежат на ригорозни тестирања за да се осигурат дека се погодни дури и за најчувствителната кожа. Бебешките масла, како што се бадемовото или маслиновото масло, имаат многу едноставен состав и можат да се користат како хидратантни третмани за телото, лицето или косата и за мајките.
Ограничувањата се:
- Помалку активни состојки: мајчината кожа има различни потреби во споредба со бебешката и често има потреба од производи со активни состојки, како што се ретинол, витамин Ц, хијалуронска киселина или антиоксиданси – за борба против првите знаци на стареење, хиперпигментација или акни. Бебешките производи не ги содржат овие состојки наменети за возрасните.
- Недостиг на заштита од сонце: бебешките производи обично немаат заштитен фактор, а мајките треба да користат и производи со заштитен фактор за заштита на кожата од штетните УВ-зраци.
- Недостиг на хидратација и хранливи материи: кожата на бебето е потенка и помалку развиена од возрасната кожа, па затоа производите за бебиња често не обезбедуваат доволно хидратација или хранливи материи потребни за мајките, особено ако нивната кожа е сува или склона кон предвремено стареење.
Кои производи за бебиња се одлични и за мајките:
- Бебешки шампони и сапуни: овие производи имаат нежна формула, што ги прави погодни за секојдневно чистење на лицето или телото на возрасните со осетлива кожа.
- Бебешки лосиони: одлични се за навлажнување, особено ако имате сува кожа. Може да се користат за тело, но и за лице, иако можеби ќе ви треба и нешто побогато со состојки против стареење или со специфични хидратантни состојки.
- Масло за бебиња: бебешкото масло може да биде одлично за масажа на телото, хидратација на кожата или нега на сува коса.
- Крем за осип од пелени: звучи необично, но овие кремови се одлични за сува, испукана кожа или за осип кај мајките, бидејќи содржат цинкоксид, кој ја смирува и заштитува кожата.
Кога да избегнувате производи за бебиња:
Доколку имате кожа со специфични потреби – третман на брчки, хиперпигментација или акни – производите за бебиња нема да ви бидат доволни. Подобро користете производи со активни состојки приспособени на вашите потреби.
Текст: Убавина и здравје