Противпожарни екипи од Романија, Чешка, Словачка, Унгарија, Шведска и Франција се приклучија на бугарските колеги во справувањето со шумските пожари.
Бугарија апелираше за асистенција преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, по што беа испратени пет противпожарни хеликоптери од Унгарија, Романија, Чешка, Словачка и Франција, како и два авиони за гаснење пожари од Шведска.
“ЕУ изразува целосна солидарност со Бугарија додека земјата се соочува со критична ситуација со шумски пожари, со повеќе големи пожари кои горат истовремено”, се вели во објава на Инстаграм на “EU помош и одговор на кризи”, која е дел од Европската комисија.
Дополнително, активирана е Службата за управување со вонредни состојби Коперникус со цел да испорача мапи и да помогне во одговорот на терен. Коперникус е програма на Европската Унија за набљудување и мониторинг на Земјата.
“Голема благодарност до сите држави кои се приклучија во поддршката на својот сосед. Ова е европски тимски дух во својот најдобар облик”, се наведува во објавата.
јт/Фото: Инстаграм. Извор: МИА