Почетна ЕкономијаПожари избувнаа кај Богомила, Ваксинце, Дречевица и Грешница

Пожари избувнаа кај Богомила, Ваксинце, Дречевица и Грешница

од nenad
2 минути читај за

Денеска, заклучно со 21 часот, на територијата на државата се регистрирани вкупно 20 пожари на отворен простор. Според информациите од Центарот за управување со шуми, во моментов активни се четири пожари, два се ставени под контрола, а 14 се ликвидирани.

Активни се пожарите во Општина Чашка, во близина на Богомила, каде што е зафатена мешана шума; во Општина Липково, помеѓу селата Ваксинце и Слупчане, каде што гори нискостеблеста шума; во Општина Студеничани, во селото Дречевица, каде што има шумски пожар во планинскиот предел; и во Општина Македонски Брод, во селото Грешница, каде што гори деградирана нискостеблеста шума.

Пожарите во Општина Долнени, во близина на селото Стровија на местото викано Гајдарец-Клепало, каде што е зафатена нискостеблеста шума, и во Општина Желино над селото Церово, каде што гори мешана шума, се ставени под контрола.

За интервенција на пожарот кај Церово, денеска, покрај пожарникарите, беа ангажирани и два авиони Ер трактори.

Од вкупно изгаснатите 14 пожари, еден од нив е пожарот на планината Готен кон Малешевските планини во Општина Берово, каде што деновиве гореше бор, бука, нискостеблеста шума, смрека и грмушки. Во гаснењето на овој пожар учествуваа и словенечки пожарникари и хеликоптер Блек Хок од Чешка.

Заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“, денеска на својот фејсбук профил објави дека по целосното стабилизирање на ситуацијата и со добра координација со Главниот Штаб за управување со кризи, до пладне бил решен и последниот активен пожар кај Долнени, но во текот на попладневните часови добиле пријави за неколку нови пожари.

„Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам! Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 – тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража! Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!“, напиша Михаилов во својата објава.

Беше пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес, каде што веднаш од страна на Главниот Штаб за управување со кризи беа испратени сили на ЈП “Македонски Шуми”, екипи на МВР и локалното население. Исто така, на помош беше испратен и дејствуваше од воздух еден хеликоптер.

„Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб за управување со кризи делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС! Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кои во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите”, објави заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“ Михаилов.

вг/Фото: МИА Архива
Извор: МИА